Потенцијалната вакцина од универзитетот Оксфорд против коронавирусот може да се појави до крајот на годината, но не е сигурно дека тоа ќе се случи, објави водечката лабораторија за развој на вакцина.

Експерименталната вакцина, лиценцирана од фармацевтската компанија АстраЗенека, покажа дека го активира имунолошкиот систем во раната фаза на клинички испитувања, што остава надеж дека вакцината би можела да биде готова до крајот на годината.

– Можно е вакцината да се излезе до крајот на годината, но апсолутно не можеме да гарантираме дека тоа сигурно ќе се случи затоа што ни требаат три работи. Вакцината мора да се покаже како ефикасна и во подоцнежните фази на клинички испитувања, треба да се произведат огромни количини и регулаторите треба да се согласат брзо да издадат дозвола за итна употреба. Сето тоа треба да се случи и да се совпадне пред да се вакцинираат голем број луѓе – рече Сара Гилберт која го предводи истражувањето, за Би-би-си.

Вчера Би-би-си објави дека вакцината против коронавирус развиена од Универзитетот во Оксфорд е безбедна и го активира имунолошкиот систем.