Потрагата по вакцина против коронавирусот, која е во сенка на ривалството меѓу големите сили како Кина, САД и Русија, периодов излегува од правилата што ги наложуваат светските фармацевтски компании и со шпионските методи во сајбер-просторот на овие земји личи на сајбер-војна што, според експертите, може да ја отежне глобалната кампања за вакцинирање

Глобална валкана трка за лек против ковид-19

Светските моќници секогаш се натпреварувале да бидат први во наоѓањето решение за некој глобален проблем, со што тие останувале запаметени во историјата. Тоа меѓу другото важеше и за трката со нуклеарното вооружување, развојот на новите технологии, но и многу други клучни области, а денес сличен е случајот и со пандемијата на ковид-19, при што големите сили се обидуваат што побрзо да најдат вакцина што ќе го спаси човештвото од смртоносниот коронавирус.
Сепак, потрагата по вакцина против коронавирусот, која е во сенка на ривалството меѓу големите сили како Кина, САД и Русија, периодов излегува од правилата што ги наложуваат светските фармацевтски компании и со шпионските методи во сајбер-просторот на овие земји личи на сајбер-војна што, според експертите, може да ја отежне глобалната кампања за вакцинирање.
Имено, деновиве британскиот Национален центар за сајбер-безбедност (НЦСБ) тврди дека хакери, поддржани од Русија, се обидуваат да украдат истражувања за вакцина и начини на лекување на ковид-19, од академски и фармацевтски институции низ светот. Во координирано соопштение на Велика Британија, САД и Канада, за хакерски напади е обвинета групата АПТ29, позната и под името „Коузи беар“, за која се тврди дека скоро сигурно дејствува како дел од руските известувачки служби, пренесе „Ројтерс“.

– Овие напади најостро ги осудуваме и се достојни за презир, тие се против оние што вршат работа од животна вредност за да се борат против пандемијата од коронавирусот – изјави Пол Чичестер, директор за операции во НЦСБ. Велика Британија и САД минатата недела соопштија дека од хакерите имало напади врз национални и меѓународни организации, кои реагирале на пандемијата, но тие напади претходно не биле доведени во врска со Русија. Како што наведува новинската агенција, истата група хакери „Коузи беар“ се сомничи за хакерски напади на Демократската партија во текот на претседателските избори во САД во 2016 година.
По ваквите јавни тврдења на Британците, веднаш се јави рускиот амбасадор во Велика Британија Андреј Келин, кој во интервју за Би-би-си го повтори ставот на официјална Москва дека се „бесмислени“ тврдењата дека руската разузнавачка служба се обидела да украде информации за подготовка на вакцина против новиот коронавирус.
На иста линија реагираше и официјален Кремљ категорично отфрлувајќи ги таквите тврдења. Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, го повика Лондон да изнесе докази, додека претставникот на Кремљ, Димитриј Песков, предупреди дека обвинувањата „негативно ќе влијаат на билатералните односи меѓу Русија и Велика Британија“.

Паралелно на овие тврдења неодамна и Вашингтон јавно го обвини Пекинг дека ги хакира нивните истражувања за вакцина против коронавирусот. Американските агенции за сајбер-безбедност предупредуваат дека кинески хакери се обидуваат да украдат податоци поврзани со испитувања за вакцина против коронавирусот. Според американските медиуми, ФБИ и компјутерските експерти веруваат дека кинески хакери се обидуваат да украдат податоци за истражувања за развој на вакцина против коронавирусот.
Во тој контекст „Волстрит џурнал“ и „Њујорк тајмс“ пишуваат дека ФБИ и Министерството за внатрешна безбедност имаат намера да издадат предупредување за обидите на висококвалификувани кинески хакери и шпиони во време кога светските влади и приватните компании се натпреваруваат да развијат вакцина против ковид-19. Хакерите исто така се обидуваат да дојдат до информации и интелектуална сопственост поврзани со третманот и тестирањето за ковид-19. Според извештаите на медиумите, американски претставници тврдат дека хакерите се поврзани со кинеската влада. Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Жао Лијианг експресно ги отфрли ваквите обвинувања, велејќи дека Кина остро се спротивставува на сите хакерски напади.

– Ние сме во водство во светот во поглед на развојот на вакцини и лекување на ковид-19. Неморално е да се нападне Кина со гласини и клевети без никакви докази – истакна Жао на прес-конференција за новинарите. Од друга страна, запрашан за овие медиумски извештаи, американскиот претседател Доналд Трамп не ги потврди, но рече дека не е изненаден од ваквите работи од Пекинг.
– Што друго е ново со Кина? Што е ново тука? Кажете ми. Не сум среќен со Кина. Ова го следиме многу внимателно – додаде Трамп.
Во меѓувреме последното предупредување на САД следува по низата предупредувања и извештаи во кои се обвинуваат хакери, кои владите во Иран, Северна Кореја, Русија и во Кина ги поддржуваат за активности поврзани со пандемијата на коронавирусот во светот, од објавување лажни вести до напади врз некои научници и крадење информации за вакцина против коронавирусот.

Според „Њујорк тајмс“, ваквите обвинувања, кои станаа секојдневна реалност, би можело да бидат вовед во контранапади на западните разузнавачки агенции што би придонело да се создаде сајбер-војна за вакцината.
Инаку, според Светската здравствена организација, во моментов седум потенцијални вакцини против ковид-19 се во втора фаза на тестирање. Три ги развиваат кинески компании, две американски и по еден истражувачки институт во Русија и во Европа работат за пронаоѓање лек за опасниот вирус.