Честите политички кризи, промените на влади и на владини политики и приоритети, забавените или целосно закочените процедури, создаваат правна несигурност и непредвидливост кај стопанствениците, на кои им е потребна стабилна средина за да инвестираат во започнување или во ширење и развивање на своите бизниси. Бројките сосема јасно ја илустрираат состојбата. И тука не помагаат ветувањата за подобрување на животниот стандард и на благосостојбата на граѓаните
Информацијата дека Македонија во првите три месеци успеала да оствари раст на бруто-домашниот производ од само 0,2 отсто одекна силно во медиумите. Особено поразително беше сознанието дека за разлика од нас, повеќето од нашите соседи, но и подалечни земји што не се членки на Европската Унија успеале да остварат значително повисок економски раст, што јасно укажува дека за тоа не е виновна само корона-кризата, туку дека постојат и други фактори што ја парализираат економијата што, пак, значи дека состојбите во земјава се сериозни и дека е неопходно што поскоро да се преземат соодветни мерки што ќе овозможат враќање на економските текови во нормала и подобрување на домашните перформанси.
Дали лошите остварувања во првиот квартал од годината се резултат на постновогодишните празници, кои се развлекуваат низ цел јануари, на вообичаено намалената активност на некои од клучните сектори, како што е градежништвото, во зимските месеци или на пролонгираните избори?
Општиот впечаток, но и објаснувањата на повеќето од упатените, е дека економската стагнација се поврзува токму со предвремените парламентарни избори, кои поради ширењето на коронавирусот не беа одржани во април, како што првично се планираше, туку дури пред неколку дена. Но вреди да се потсети дека во последниве петнаесетина години во земјава постојано се одржуваат предвремени избори што, според упатените, во голема мера го кочи развојот на економијата. Честите политички кризи, промените на влади и на владини политики и приоритети, забавените или целосно закочените процедури, создаваат правна несигурност и непредвидливост кај стопанствениците, на кои им е потребна стабилна средина за да инвестираат во започнување или во ширење и развивање на своите бизниси. Бројките сосема јасно ја илустрираат состојбата. И тука не помагаат ветувањата за подобрување на животниот стандард и на благосостојбата на граѓаните.
Во земја, чија економија низ годините генерално се карактеризира со низок економски раст, раст што во бројки се движи околу три проценти, неопходно е сите политички и владини чинители да преземат дејства што ќе овозможат услови за економски раст со двоцифрени бројки. Единствено со економски раст што надминува 9 отсто може да очекуваме забрзано подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Со досегашните стапки на раст, ние постојано ќе заостануваме зад веќе развиените земји, што неминовно ќе нѐ става во групата на слабо развиени земји и земји од кои населението масовно ќе заминува, а со тоа ќе се губи и драгоцениот ресурс без кој воопшто и не може да се зборува за каков било економски прогрес.
Економските субјекти постојано укажуваат дека за развој на бизнисот и за напредок на економијата е неопходна стабилна средина, која ветува рамноправни и фер услови за натпревар меѓу субјектите. Единствено со изедначени услови конкурентите меѓусебно ќе се натпреваруваат со подобри и поквалитетни продукти што, пак, ќе овозможи освојување нови пазари или, пак, нови клиенти.
За развој на бизнисите и за поттикнување на граѓаните да започнуваат свој бизнис, неопходни се стабилизација и континуитет во плановите и во законите. Во земјава изминативе години поради постојаните политички промени, превирања и договарања меѓу политичките партнери имаме често менување на законите, на регулативите, како и често повлекување одредени измени или нивно одложување, но и привремено стопирање со неизвесност за идните чекори. Ваквите чести промени на регулативите и честите промени на владините состави негативно влијаат врз економијата, која бара фер и однапред дефинирани услови.
Особено поразително беше сознанието дека за разлика од нас, повеќето од нашите соседи, но и подалечни земји што не се членки на Европската Унија успеале да остварат значително повисок економски раст, што јасно укажува дека за тоа не е виновна само корона-кризата, туку дека постојат и други фактори што ја парализираат економијата што, пак, значи дека состојбите во земјава се сериозни и дека е неопходно што поскоро да се преземат соодветни мерки што ќе овозможат враќање на економските текови во нормала и подобрување на домашните
перформанси
Во сегашната состојба наметната од ширењето на ковид-19 уште позначајно е да се овозможат сите предуслови за подобар и побрз развој на економијата. Во ситуација кога сме соочени со една од најголемите здравствени кризи, состојба што значајно влијае врз економијата и врз севкупниот живот во земјава, задолжително е сегашната влада и онаа што допрва треба да се формира, за свој приоритет да ја постават поддршката на компаниите паралелно со поддршката на здравствениот систем. Најавите за нов поголем бран заболени од коронавирусот дополнително создаваат несигурност кај граѓаните и кај бизнис-заедницата. Во состојба кога луѓето стравуваат за својот живот сите други активности се одложуваат, а таквото „одложување“ создава промени во навиките на однесување на граѓаните, но и многу тешкотии во остварување на бизнис-плановите. Иако тоа е нова ситуација, која не можеше да се предвиди и која сѐ уште не може да се контролира, се покажа дека голем дел од земјите многу поуспешно се носат со неа така што, во случајот на Македонија, останува уште голем простор на кој креаторите на владините политики и центрите на моќта воопшто треба да се фокусираат. Само со заедничка акција на сите чинители во општеството е можно стабилизирање на состојбите и подобрување на условите за развој на економијата, а оттука и за општата благосостојба.