Францускиот фудбалски репрезентативец Килијан Мбапе (19) го привлече вниманието со неговите квалитетни партии на Светското првенство (СП) во Русија, но и со објавата оти ќе го донира хонорарот добиен за настап на Мундијалот во добротворни цели, со образложение дека „не треба да биде платен за да игра за националната селекција“.
Напаѓачот на „триколорите“, сепак, не е единствениот учесник на СП кој ќе донира во добротворни цели, бидејќи и англиските репрезентативци ќе постапат слично, според медиумите од Островото.
Мбапе, кој добива по 20 илјади евра за секој одигран меч на Мундијалот, ќе ги уплати парите на француско здружение што организира спортски активности за деца со инвалидитет. Здружението го помагаат и други француски спортисти, како што е славниот ракометен голман Тјери Омејер. Донацијата би можела да биде значително поголема бидејќи Мбапе ќе добие премија од 300 илјади евра во случај Франција да стане светски првак. Примерот на Мбапе, наводно, го следи и неговиот репрезентативен соиграч Самуел Умтити, како и уште неколку поискусни француски фудбалери.
Англиските медиуми истакнуваат дека Здружението на англиски фудбалери, собра преку 5,5 милиони евра за добротворни цели во последните 11 години, како и дека фудбалерите на „Гордиот албион“ редовно го донираат репрезентативниот хонорар, што се очекува да го сторат и со парите за настап на Мундијалот. Англиските репрезентативци ќе добијат по 245 илјади евра на сметка на премиите, во случај да го освојат СП.
Франција и Англија се пласираа во четврт-финалето на СП, во кое ќе се соочат со Уругвај в петок, односно со Шведска в сабота.