Извршниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за вонредни програми, Мајкл Рајан, вели дека е нереално да се очекува дека овој месец тим на организацијата ќе замине во Кина за да го испита потеклото на коронавирусот.
Минатата недела двајца членови на СЗО заминаа во Пекинг како дел од тимот за дополнителни студии за тоа како избувна пандемијата на Ковид-19. Двајцата експерти се во карантин во Пекинг, пренесува АП.
Експертите веруваат дека вирусот најверојатно преминал од животни на луѓето, а целта на споменатата истрага е да се спречат идни пандемии.
Рајан рече дека СЗО се обидела да состави поголем тим кој ќе ја посети Кина, но дека се сомнева дека тоа ќе се случи наскоро.
СЗО наведува дека нема планови да се посети Вухан, каде првпат беше откриен коронавирусот на крајот на минатата година.