Со отворање на пристаништето во Сент Питербург, Флорида, Џенет Ешелман го откри своето последно дело „Свиен лак“, монументална скулптура изработена од 290 километри долг коноп и 1.662.528 јазли, која лебди во воздух, на висина од 22 метри и се простира во широчина од 130 метри. Работата на Ешелман ги слави промените, па, така, и нејзиното последно дело нежно се вее над паркот, дозволувајќи му на ветрот континуирано да ја менува кореографијата на меката површина на скулптурата. Боите на делото постојано се трансформираат, додека неговата површина се меша со природна и проектирана светлина. Во текот на денот скулптурата проектира уметнички сенки низ паркот и луѓето под неа, а ноќе блеска во магента и виолетова светлина.
Во развојот на етеричниот „Свиен лак“, уметницата Џенет Ешелман се инспирира од историските слики на Флорида, како што се старите разгледници на кои се прикажани сино-бели чадори за плажа и геометриски форми генерирани од колониите на барнаклите (тип членконоги), кои живеат под пристаништето. Гледана одозгора, формата на скулптурата е дизајнирана да изгледа како три споени чадори во форма на барнакли. Геометријата на скулптурата е составена од повеќе лакови, кои нежно се веат на ветрот.
Продолжувајќи со процесот на дизајнирање на „Свиен лак“, Џенет Ешелман дознава и за значајната улога на областа во движењето за граѓански права. Локацијата го означува местото каде што граѓаните почнаа мирно да протестираат против расните бариери, што доведе до пресудата на Врховниот суд на САД во 1957 година, во која се потврдени правата на сите граѓани да уживаат во користењето на општинската плажа и базен без дискриминација.
Со насловот „Свиен лак“ уметницата потсетува на зборовите на Мартин Лутер Кинг: „Лакот на моралниот универзум е долг, но се свива кон правдата“.