Еден од нив може во август како тренер да ја освои Лигата на шампионите (Гатузо со Наполи, а Лампард со Челси), со што ќе им се приклучи на седумтемина што досега имаат европски клупски титули како фудбалери и како тренери (Муњоз, Трапатони, Кројф, Анчелоти, Рајкард, Гвардиола и Зидан)

ФУДБАЛ

Италијанецот Џенаро Гатузо и Англичанецот Френк Лампард сезонава можат да ѝ се приклучат на една елитна група поранешни фудбалери, а сега тренери, ако сезонава ја освојат Лигата на шампионите (ЛШ), со Наполи, односно со Челси, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.
Тие претходно во играчката кариера се радуваа на триумф во најсилното европско клупско натпреварување. Гатузо го направи тоа како член на Милан, во 2003 и во 2007 година, а Лампард стана првак на Европа во 2012 година со Челси. Двајцата сега се предводници како тренери на екипи што се во осминафиналето на ЛШ сезонава. На Наполи и на Челси им претстојат реванши од таа елиминациска рунда, на италијанскиот клуб со Барселона (прв меч 1-1), а на англискиот со Баерн (0-3), а со евентуални победи нивните екипи би се сретнале меѓусебе во четврт-финалето.
Со европски клупски титули како фудбалери и како тренери можат да се пофалат Мигуел Муњоз, Џовани Трапатони, Јохан Кројф, Карло Анчелоти, Франк Рајкард, Пеп Гвардиола и Зинедин Зидан. Од нив прв го оствари тоа Муњоз, најтрофеен е Анчелоти, а само Рајкард има триумфи со три клуба.

Шпанецот Муњоз беше капитен на Реал Мадрид кога клубот стана континентален првак во 1956 и во 1957 година, а потоа беше тренер за титулите во 1960 и во 1966 година. По 19 години му се придружи Италијанецот Трапатони, со трофеите како фудбалер на Милан во 1963 и во 1969 година и како тренер на Јувентус во 1985 година.
Главниот фудбалер зад т.н. тотален фудбал, Холанѓанецот Кројф освои хеттрик-титули со Ајакс, од 1971 до 1973 година (постигна два гола во финалето во 1972 г.), а потоа како тренер беше идеен творец на првиот трофеј на Барселона во 1992 година.
Италијанецот Анчелоти има вкупно пет триумфи, од тоа два како фудбалер на Милан (1989 и 1990 година) и три како тренер (два со Милан, во 2003 и во 2007 година и еден со Реал Мадрид, 2014-та). Тој, Боб Паисли (Ливерпул) и Зидан (Реал Мадрид) се единствените тренери со по три титули европски првак.
Холанѓанецот Рајкард беше колега на Анчелоти од средниот ред на Милан за титулите во 1989 и 1990 година (во 1990-та и стрелец на победоносниот гол), а додаде уште една како фудбалер на Ајакс во 1995 година (во финале токму против Милан, во неговиот последен меч пред заминување во пензија), пред да ја освои титулата и како тренер, во 2006 година со Барселона.

Шпанецот Гвардиола славеше како фудбалер со Барселона во 1992 година, пред 11 години со Барселона ја освои титулата европски првак како тренер, а тоа успеа да го оствари и во 2011 година.
Седми член на овој клуб стана Французинот Зидан, кога првпат ја освои титулата како тренер на Реал Мадрид, во 2016 година (потоа славеше и во 2017 и во 2018 година). Како фудбалер победи со истиот клуб, во 2002 година.