Откако на социјалните медиуми го тврдеше спротивното, славната актерка Хали Бери се извини на Твитер, велејќи дека веќе не размислува да глуми трансродов маж во претстојното филмско остварување.
– Сега разбирам дека не требаше да ја разгледувам оваа улога и дека на трансродовата заедница несомнено треба да ѝ се даде можност да ги раскаже своите приказни – напиша актерката на Твитер.
Таа додава дека е благодарна за упатствата и критичкиот разговор во последните неколку дена и дека ќе продолжи да слуша, да се едуцира и да учи од оваа грешка.
– Ветувам дека ќе бидам сојузник во промовирањето подобра застапеност на екранот, пред и зад камерата – рече таа.
Претходно актерката се извини и се повлече од улогата.
– Кога режисерите за улогите на трансродовите луѓе на аудицијата бараат обични актери, тоа остава погрешен впечаток на публиката, а автоматски се уништува шансата за кариера на некој транс-актер- наведе Бери на својот инстаграм-профил.
Нејзиниот коментар го привлече вниманието за документарецот на Нетфликс „Откривање: транс во живо на екранот“, кој беше објавен минатиот месец, пишува „Си-ен-ен“.
Од невладината организација ГЛААД, која ги брани правата на ЛГБТ-заедницата, исто така одговорија на нејзината изјава.
– Драго ни е што Хали Бери ја слушаше загриженоста на трансродовите луѓе и научи од нив. И други моќни луѓе треба да го сторат истото тоа – изјавија од организацијата.