Кичево

Во Општина Кичево граѓаните и по повеќе од пет месеци не покажаа доволен интерес да го заменат стариот начин на затоплување за да добијат субвенционирани инвертери. Иако знаат за предностите и економската оправданост на овој вид затоплување, многу домаќинства најнапред поради економски, а потоа и имотноправни проблеми се спречени да аплицираат за владините субвенции.
Кичевчани се добро запознаени со тоа дека за да се намалат употребата на фосилни горива и загадувањето на воздухот, Владата одлучи на 10.000 семејства од четирите најзагадени градови во земјава Скопје, Тетово, Битола и Кичево да им додели по 1.000 евра за набавка на инвертери, но сепак малку домаќинства можат да издвојат пари за нивно купување, што е предуслов да аплицираат за владините субвенции. Во Кичево оваа поволност можат да ја искористат 800 семејства, а досега аплицирале само 130 домаќинства. Инаку средствата за оваа намена ги обезбеди ЕСМ од својата акумулирана добивка во вкупен износ од 618 милиони денари.
За да се обезбеди целосна транспарентност во реализацијата на овој проект, Владата го покани Советот за соработка со граѓанскиот сектор.

– Во Кичево интересот за субвенционирани инвертери барем во досегашниот период не е на посакуваното ниво, бидејќи за нешто повеќе од пет месеци се примени 130 апликации на домаќинства. Овој број апликанти ќе беше и многу поголем, но поради одредени причини, голем дел семејства не ги исполнуваат во целост критериумите за да можат да конкурираат за субвенционирани инвертери. Најважни причини се: нерешените имотноправни односи на голем број домаќинства, како и неплатен данок на имот. Сепак како најважна причина, тоа ни го потврдија повеќе граѓани заинтересирани за топлински уреди, е таа што домаќинствата најпрво мора да го купат инвертерот, да инвестираат сопствени средства, кои и не се толку мали, а потоа да ги добијат субвенциите од 1.000 евра што, според нивните зборови, ги дестимулира да аплицираат на јавниот повик. Исто така треба претходно да го вратат грејното тело со кое го затоплувале домот, за што мора да достават соодветна потврда од откупната станица каде што го предале – вели Емилија Петкоска Лазареска, од Одделот за екологија во Општина Кичево.

Таа очекува до крајот на оваа кампања, која ќе трае до исполнувањето на лимитираната бројка, бројот на домаќинства да биде многу поголем, бидејќи се очекува нова грејна сезона, а граѓаните за разлика на почетокот на февруари се многу поинформирани и имаат повеќе сознанија за предностите и економската оправданост што ги има овој вид затоплување.
Петкоска-Лазареска посочи дека и пандемијата на ковид-19 има значаен придонес за промена на плановите на граѓаните да се снабдат со инвертер, бидејќи се очекува неизвесност во економијата што, секако, може да се одрази и врз редовната исплата на плати и други приходи што ги остваруваат заинтересираните граѓани.