Доналд Трамп му се восхитува на својот татко, но речиси никогаш не зборува за мајка си. Зошто?
Кога Доналд Трамп пристигна во Овалниот кабинет во јануари, тој на бирото постави семејна фотографија на која беше прикажан неговиот татко Фред. Директорката за комуникации во Белата куќа Хоуп Хикс, неодамна ми кажа дека во текот на наредната пролет, американскиот претседател додал уште една фотографија, од неговата мајка Мери, пишува Мајкл Крус за „Политико“. Слична е ситуацијата и во канцеларијата на Трамп во „Трамп тауер“, каде што фотографијата на неговиот татко е гордо истакната на бирото, додека забележливо е дека нема фотографија од неговата мајка, според поранешните вработени на Трамп. Ова го потврдува постојаното присуство на таткото во животот на Доналд Трамп, како и подзаборавениот статус на неговата мајка.
Долго време, Доналд Трамп зборуваше за големото влијание на Фред Трамп, пишувајќи „затоа сум таков, бидејќи имав татко кој ме силно ме туркаше“, во неговата книга „Размислувајте на големо“ од 2007 година. Од друга страна, Мери Трамп беше претставена како „дух“ или „лик на картонски исечок“ во неговото сведоштво.
Речено ни е дека, Мери Трамп била покорна домаќинка, сопружничка која го оставала на мир нејзиниот амбициозен сопруг и мајка која уживала во помпата, поттикнувајќи ја способноста на нејзиниот втор син за шоументство и за промовирање. Судејќи според биографскиот материјал, 45-от претседател на САД е производ на еден доминантен родител, но односот на Трамп со неговата мајка, иако не е толку јавен, е подеднакво важен. Во интервјуата во изминатите неколку децении, претседателот ја нарекува „фантастична“, „исклучителна“ и „домаќинка која ја сакала нејзината улога“.
Мајката на Трамп која почина во 2000 година, не беше спомнувана со години пред инаугурацијата на нејзиниот син. Но, да се отфрли нејзината улога во создавањето на личноста на Доналд Трамп претставува отфрлање на децениските студии за семејните односи. Трамп можеби не се согласува, но психолозите се согласуваат дека мајката помага во вашето обликување.
Однесувањето на Доналд Трамп додека е претседател, претставува тема која предизвикува фасцинација и шпекулации. И психолозите се љубопитни исто као и сите. Зошто Трамп се однесува на начинот на кој се однесува? Но ниту еден од нив не разговарал со Трамп на официјален начин, бидејќи Трамп се противи на нивната дејност. Сепак, тие сигурно барале објаснувања за неговата импулсивост, потреба за аплауз и изливи на гнев кога работите не одат по негово. И секогаш се враќале на почетокот. На неговите родители. Трамп можеби се фокусира на татка си, но експертите велат дека отсуството на дискусија за неговата мајка исто така претставува одреден знак.
– Не зборувам конкретно за никој, вклучувајќи го и претседателот и неговата мајка, но, цврстиот однос со она што го нарекуваме, типична, посветена мајка, поставува темел за подигање на критичката лична и емоционална архитектура. За капацитетот за покажување доверба. За чувството на сигурност, наспроти несигурноста. За препознавањето на тоа што е реално, а што не е. Вашата мајка ви помага да ги идентификувате тие чувства и да развиете когнитивна структура за да не реагирате веднаш според нив. И мислам дека може да се каже оти капацитетот за емпатија се развива преку односот со мајката – вели Пруденс Горгучон, поранешна претседателка на Американската асоцијација на психоаналитичари.
Ако психолозите, психијатрите и терапевтите или експертите можеа да се сретнат со Трамп за да го прегледаат, тие можеби би му поставиле стручни прашања. Но не можат, бидејќи претседателот избегнува психолошка анализа, заклучува „Политико“.