Вашингтон – Демонстрантите во Балтимор во текот на викендот ја отстранија статуата на Кристофер Колумбо и ја фрлија во пристаништето во водите на Атлантски Океан, јавија американските медиуми. За време на протестите по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд во текот на полициско приведување, цел на напади беа статуите на Колумбо и други личности од времето на колонијализмот.
Москва – Промените во рускиот устав, вклучувајќи го и амандманот што ќе му овозможи на претседателот Владимир Путин да управува со земјата до 2036 година, стапија во сила викендов, откако беа потпишани лично од Путин, пренесе „Ројтерс“. Претходно скоро 78 проценти од гласачите што учествуваа на референдумот ги поддржаа промените.
Тел Авив – Израелското министерство за одбрана соопшти дека земјата не стои зад секој мистериозен инцидент во Иран, откако изби пожар во објект во нуклеарната централа Натанц, која е центар на иранската програма за збогатување на ураниум. Како што пренесуваат западните медиуми, во исто време официјален Тел Авив соопшти дека Израел никогаш нема да му дозволи на Иран да создаде атомско оружје.
Токио – Најмалку 16 лица загинаа, а 13 се водат за исчезнати во поплавите и свлечиштата во префектурата Кумамото, во јужна Јапонија, јавуваат агенциите. Властите побараа од повеќе од 75.000 жители на префектурите Кумамото и Кагошима да ја напуштат областа поради силните дводневни врнежи. Поплавите доведоа до прекин на електрична енергија и телефонските линии, што ја одложи операцијата за спасување.