Роналдо по 59 години е првиот фудбалер на Јувентус со 25 гола
Португалецот Кристијано Роналдо со голот од слободен удар во победата на Јувентус над Торино со 4-1, во меч од фудбалската Серија А, стана првиот фудбалер на Јувентус од 1961 година со 25 првенствени гола во една сезона. Голот беше прв за Роналдо од слободен удар во дресот на Јувентус, од неговиот 43-ти обид, пишува „Би-би-си“.
Роналдо сега има 46 погодоци од слободен удар на клупско ниво, од тоа 32 за Реал Мадрид, 13 за Манчестер јунајтед и еден за Јувентус. Тој сега има вкупно 25 гола за Јувентус сезонава, а толку голови во една сезона во Серија А за Јувентус претходно постигнал Омар Сивори, кој настапувал и за Аргентина и за Италија, во сезоната 1960/61. Сивори во 1961 година ја освои „Златната топка“ на францускиот магазин „Франс фудбал“, за најдобар фудбалер во Европа.
Јувентус со 75 бода ја задржа првата позиција на табелата, на осум кола до крајот на сезоната.
Баерн остана на патот кон нова тројна круна
Германскиот фудбалски гигант Баерн го освои 63-от домашен трофеј, а 20-ти во Купот на Германија, со победата во финалето над Баер со 4-2. Дуелот за трофејот се играше на Олимпискиот стадион во Берлин, без публика.
Баерн има и 30 титули, седум триумфа во Суперкупот на Германија и шест пехари во некогашниот Лига-куп на таа земја (тоа натпреварување се играше до 2007 година). Во сите четири категории Баерн е рекордер според освоените трофеи.
За клубот ова беше и 13-та двојна круна (освоени првенство и куп во една сезона) во Германија. Баерн ќе има можност за тројна круна, бидејќи не завршува сезоната за тимот, кого го очекува реванш-мечот дома во осминафиналето на Лигата на шампионите со Челси (победа во првиот меч со 3-0). Досега Баерн еднаш ги освоил сите три трофеја во една сезона, во 2013 година.
Левандовски е водечки стрелец во три натпреварувања
Стрелец на два гола во финалето на фудбалскиот Куп на Германија, во кој Баерн го победи Баер со 4-2, беше Полјакот Роберт Левандовски. Тој со тоа ја заокружи сезоната во Германија со вкупно 50 гола, од тоа 34 во Бундес-лигата, 11 во Лигата на шампионите и пет во Купот на Германија. Во сите три натпреварувања Левандовски е водечки стрелец.