Музејот на современата уметност до 23 јули ќе воведе онлајн филмска програма „Што е филм? Попис 2.0“, во чии рамки ќе се споделуваат линкови до веќе слободни филмови, двапати неделно, и тоа секој четврток и понеделник. Изборот на филмовите музејот ќе ги поставува на своите профили на социјалните мрежи и на својата веб-страница.
Кураторка на програмата е Кумјана Новакова, а визуелниот идентитет и графичкиот дизајн се на Илиана Петрушевска. Идејата и мотивацијата се знаењето, алатките и просторите, но и нематеријалната работа и работата во културата достапни на интернет 2.0, да се претворат во нови радикални, револуционерни, продуктивни простори и практики, над надуената идеја на „интернетот како простор на неограничена можност“.
– Дигиталните простори често некритички се претставуваат како простори на неограничени можности, нудејќи „ноу хау“ за сè и сешто – од медицински дијагнози и ботанички тајни до новите теории за поврзаноста на 5Г, вакцинитe и коронавирусот. Тој виртуелен простор ветуваше постполитичка состојба: ослободен од агонија и борба, свет во кој владее економијата на изобилството наместо економијата на недостигот. Но времето на физичката изолација нѐ соочи со сите овие прашања и проблеми: што и како со неограничените можности за пристап до филмски и сродни уметнички содржини на интернет?
Која е нашата улога, улогата на уметничките институции во таа „економија на изобилство“, која поставува и нови граници на исклучување и претставување за дигитално ограничените региони и луѓе? Со надеж дека ќе научиме повеќе за можностите и ограничувањата на интернетот како простор на уметничкото, ја посветуваме нашата програмска серија „Што е филм?“ за 2020 година на процесот на истражување на комплексниот однос на отворената и јавно достапна филмска уметност на мрежата со пошироките политички и социјални прашања. Ова наедно претставува и акт, гест, програма, но и предлог за естетско образование – вели Новакова.
Во практична смисла, двапати неделно ќе бидат емитувани филмови и сродни уметнички форми на различни теми, кои се отворени и достапни преку интернет во светот. Прв на програмата е филмот „Јас не сум твојот Црнец“ на Раул Пек од 2016 година, филм номиниран за „оскар“ во категоријата на документарен филм во 2017 година, посветен на борбата на црнците, со фокус на романописецот, драматург и есеист Џејмс Болдвин.
– Признавајќи го недостигот од знаење за комплексностите на црните животи, би сакале да ја отфрлиме идејата за борбата како статистика и да придонесеме за големата политичка промена, која ги претвори метричките податоци во нешто похумано, поживописно, повеќе лично – велат од музејот.