Истражувачите заклучија дека европската нишка на коронавирусот ги шири инфекциите во пандемијата низ светот, пренесува „Њузвик“.
Иако вирусот изби минатата година во кинески Вухан, мутацијата која се појави во Италија во февруари сега „е најраспространетата форма во глобалната пандемија“ според статија објавена во научниот журнал „Сел“.
Авторите посочуваат дека нишката наречена „Г614“ можеби има одредена „предност во издржливост“ во однос на оригиналната нишка од Кина позната како „Д614“. На тој начин новата нишка станала доминантна, додека двете варијации на вирусот постојат.
Тие не веруваат дека европската нишка предизвикува потежок облик на болеста во однос на првичната, нагласувајќи дека не е веројатно оти мутацијата ќе има значителен ефект врз сегашните напори за развивање на вакцина.
Претходните студии покажале дека „Г614“ можеби е позаразна во однос на оригиналната нишка „Д614“, со што истражувачите од истражувачкиот институт „Скрипс“ неодамна заклучија дека европската нишка е 10 пати позаразна.
Истражувачите признаа дека ќе биде потешко да се сузбие пандемијата отколку што беше претходно, ако европската нишка навистина е позаразна.