Поп Ацев ќе плива во спомен на легендата на македонското маратонско пливање, кој го преплива познатиот канал Ла Манш во 1959 година

НА 11 ЈУЛИ ВО ВЕЛС

Македонскиот пливачки маратонец Евгениј Поп Ацев на 11 јули ќе плива на делницата од седум километри, во марината Свонси до Мамблс, во Велс, во спомен на Нико Нестор, легендата на македонското маратонско пливање, кој го преплива познатиот канал Ла Манш во септември 1959 година.

– Идејата за ова потекнува од неговата ќерка, која ја предводи добротворната организација „Нико Нестор“ што промовира пливање низ целиот свет, обезбедува бесплатни лекции за пливање за деца и млади, и обука за безбедност во водата. Нашата намера е на овој начин да се потсетиме на Нико Нестор и да собереме што е можно повеќе пари за промоција и за развој на пливањето – ни изјави Поп Ацев, кој живее во Свонси.

Поп Ацев е трикратен победник (во 2015, 2017 и во 2019 година) во гранпри-серијата на Светската пливачка федерација (ФИНА) во маратонско пливање, победник на Охридскиот маратон во 2015 година и на познатата маратонска трка од Капри до Неапол во 2016 година.