Во јануари годинава, интернационалниот мајстор Пол Ентони Гарсет го подели првото место на Отвореното првенство во Нов Зеланд. Седмата титула на Пол (од 27 учества) доаѓа по неверојатни 46 години од неговата прва титула, а на една ваква необична листа има и светски прваци, како Холанѓанецот Еве, со 34 години од првата до последната државна титула итн.
Рамон Матео (62) денес е единствениот велемајстор (ВМ) од Доминиканската Република. Тој го освоил националното шаховско првенство во 1979 година, а потоа повторно во 2010 година. Со вкупно осум национални титули, тој има импресивна 31-годишна пауза помеѓу неговата прва и последна победа. „Дали е ова некој светски рекорд?“, се прашува тој, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ) на својата интернет-страница.
Иако е за пофалба неговото достигнување, сепак тоа не е рекорд. За почеток, поранешниот светски првак, Холанѓанецот Макс Еве, доминира на шаховската сцена во неговата земја повеќе од три децении. Тој го освои секое првенство на Холандија од 1921 до 1952 година, а дополнително ја освои титулата повторно во 1955 г. Тоа се вкупно 12 победи во траење од 34 години.
Бернардо Росели го подобри рекордот на Еве за една година, откако го освои шампионатот на Уругвај 19 пати во период од 35 години. Неговата прва победа била во 1984, а славеше и во 2019 година. Така, откако го освои последното првенство и уште е четвртиот играч во земјата по рејтинг, Бернардо има многу добри шанси да ги зголеми титулите.
Во 2013 година, Роди Мекеј го освоил 120-то издание на Шкотското првенство кога имаше 62 години, односно 39 години откако ја освои првата титула (делба со Ерик Холт) во 1974 година. Она што го прави овој резултат извонреден е фактот дека од неговата претходна победа поминале 25 години, во 1988 година. Оскар Пано, пак, го освои 2-то Светско првенство за јуниори во 1953 година, пред многу силни ВМ како што беа Борислав Ивков, Бент Ларсен и Фридрик Олафсон. Истата година ја оствари својата прва победа на првенството во Аргентина.
Тоа ќе му успее само уште двапати: во 1985 и во 1992 година. Помеѓу неговиот прв и последен триумф има 39 години.
За да го откриеме актуелниот носител на светскиот рекорд за најдолг временски период помеѓу првата и последната титула во едно домашно национално првенство, мора да одиме во Океанија. Во јануари годинава, интернационалниот мајстор Пол Ентони Гарсет (Оукленд, 1952) го подели првото место на Отвореното првенство во Нов Зеланд. Седмата титула на Пол (од 27 учества) доаѓа по неверојатни 46 години од неговата прва победа.
Меѓу шаховските дами, Рани Хамид од Бангладеш е рекордерка. Таа го освои 19-то национално првенство кај шахистките во 2018 година. Таа првпат ја освоила титулата 39 години пред тоа, едвај една година откако научила како да игра во својата 34-годишна возраст.
Секогаш кога зборуваме за натпреварувачката долговечност во шахот, речиси е невозможно да не се спомене ВМ Виктор Корчној. Фактот што тој ги смени државите на престој на врвот на својата кариера, доволно објаснува зошто тој не е наведен погоре, меѓу оние чии победи во одреден национален шампионат се протегале во текот на три или четири децении, пишува ФИДЕ. Сепак, Корчној може да се пофали со сопствен рекорд, а тоа е дека помеѓу неговата прва титула на првенството на СССР во 1960 година и неговата последна победа на првенството на Швајцарија во 2011 година, има повеќе од половина век.