Поројните дождови предизвикаа поплави во повеќе реони во североисточниот и централниот дел на Романија, при што едно лице загина.
Една жена на 81-годишна возраст од областа Ботошани загина денеска откако таванот на куќата попуштил и се урнал врз неа.
Илјадници домови се поплавени, а стотици луѓе евакуирани. Голем број национални патишта се блокирани поради надојдената вода.
Над 100 пожарникари се ангажирани да ја испумпаат водата од поплавените куќи во областа Брашов, каде водената стихија зафатила и една болница.
– Во областа Њамц во текот на ноќта се евакуирани околу 200 луѓе поради опасност од надојдената вода во реките- изјави шефот на службата за вонредни ситуации, Реад Арафат.
Метеоролозите објавија црвен степен на опасност од поплави во централните реони Брашов и Ковасна, а портокалов аларм е активиран за областите Ботошани, Њамц, Сучава, Јаш и други.