Зоран Михајлов
специјално од Тарагона за „Нова Македонија“
Македонскиот и европски шампион во таеквондо Дејан Георгиевски беше на прагот на освојување на златниот медал на Медитеранските игри (МИ) во Тарагона (Шпанија), но во финалната борба се чувствуваше заморот од трите квалификациски меча и беше поразен од Шпанецот Даниел Рос Гомез, со 9-24. Така, Георгиевски во колекцијата од пет медали за Македонија, придодаде уште еден, прв сребрен.
Георгиевски и овде, како и на Европскиот шампионат во Софија, каде што триумфира, ги потврди своите високи квалитети и тој ќе биде спортистот што во наредните години ќе ни носи многу радости. Настапот на МИ во Тарагона беше уште еден тест за него, во кој покажа дека во ова храбро момче се кријат големи потенцијали. Потребна е само поголема поддршка од сите фактори, не само спортски, па нема да биде изненадување ако тој биде нашата најголема олимписка надеж за ЛОИ 2020 во Токио.
Нема да погрешам ако кажам дека ракометарките беа едно од нашите најпријатни изненадувања во Тарагона. Тие вредно, уште од стартот и мечот со Турција, почнаа да си ја одработуваат својата работа, па, така, во групата нанижаа три победи (ги совладаа уште Србија и Египет), а доживеаја само еден пораз од Црна Гора и уверливо го освоија второто место и го отворија патот кон борбата за медал.
Без оглед на тоа каков ќе биде исходот од полуфиналната пресметка против фаворизираната Шпанија (се играше синоќа), и она што досега го сторија девојките предводени од селекторот Симе Симовски е голем успех. Но не е сѐ завршено, борбата допрва почнува, сега почнува она вистинското.