Кога Јирген ќе ја освои титулата првак на Англија треба да започне работата за изградба на негова статуа пред стадионот „Енфилд“, вели клупската легенда Стивен Џерард
На Ливерпул му се потребни уште шест бода во преостанатите девет кола за да биде промовиран за нов првак во Премиер-лигата. За избраниците на Јирген Клоп, кои забележаа 27 победи (едно реми и пораз) на 29-те натпревари и имаат недостижна предност од 25 поени пред актуелниот шампион Манчестер сити, првиот меч по рестартирањето ќе биде градското дерби против Евертон, в недела.
Клупската легенда Стивен Џерард (40), за кого првата менаџерска работа е во Ренџерс од 2018 година, вели дека Клоп поставил високи стандарди за сите менаџери и оти тој е воодушевен што го гледа Ливерпул на врвот под неговото раководство.
– Мислам дека Клоп е најдобриот менаџер на светот. Знам дека има и многу други успешни менаџери, како Пеп Гвардиола, кој е исклучителен, па Карло Анчелоти, за кого мислам дека Евертон има среќа што го има. Но од менаџерското искуство во минатите две години, сфатив колку е тешка и предизвикувачка таа работа. Затоа ништо друго освен голема почит кон Јирген.
Начинот на кој тој се справува со себе, начинот на кој ја врши работата, начинот на кој се однесува. Мислам дека тој има големо срце, но и умна глава. Тој работи во полза на Ливерпул и го однесе клубот на повисоко ниво – вели Џерард во интервјуто за „Атлетик“.
Со освојувањето на 19-та титула за Ливерпул, прва по 30-годишна пауза, Клоп ќе влезе во аналите на клубот, во која почесно место имаат поранешните легендарни менаџери, Бил Шенкли (освои три домашни титули) и Боб Пајсли (шест титули, плус три европски), чии споменици се пред стадионот „Енфилд“.
Џерард вели дека германскиот менаџер ја заслужува истата почит.
– Знаејќи го Јирген, тој не би сакал такво нешто, оти е скромен и ги почитува луѓето околу себе. Но кога ќе погледнете каква работа направи, сигурно заслужува да биде третиран како Шенкли и Пајсли. Она што треба да се има предвид е дека кога Јирген го презеде Ливерпул, тимот не беше ни блиску до најдобриот во земјата, ниту пак меѓу најдобрите четири. Откако тој дојде Ливерпул ја освои шестата европска титула и, еве, по 30 години е пред освојување на првата домашна титула. Според мене, некој како Јирген треба да биде награден сега.
Во фудбалот честопати чекаме луѓето да остарат пред целосно да им се признаат достигнувања. Но верувам дека газдите на Ливерпул нема да дозволат да се случи тоа. Кога Јирген ќе ја освои титулата ќе треба да започнат работите за изградба на негова статуа – истакнува Џерард.
Џерард додава и дека освојувањето на титулата за него ќе биде големо „олеснување“.
– Пораснав гледајќи ги сите успешни тимови на Ливерпул како освојуваат титули. За жал, не бев во можност да го сторам тоа. Сега сум навивач и ќе бидам додека умрам. Кога ќе го подигнат трофејот, тој ден ќе бидам најгордиот човек на планетата – вели Џерард.