Бразил, втората земја во светот по САД којашто е најтешко погодена од пандемијата на коронавирус, официјално го премина прагот на 50.000 смртни случаи поврзани со ковид-19, што претставува сериозен удар во ситуација кога земјата бележи повеќе од милион случаи на инфекција.
Во исто време, политичката нестабилност расте во земјата, а економијата се наоѓа во сè потешка состојба.
Во Бразил моментно има 1.085.038 потврдени случаи на заразени со коронавирус, што е за 49.976 повеќе од претходниот ден, соопшти Министерството за здравство. Експертите велат дека реалниот број е дури и поголем затоа што нема доволно тестирања.
Најголемата земја во Латинска Америка обично бележи 1.000 смртни случаи на ден, но бројките обично се помали за време на викендите. Бразил го забележа првиот случај на коронавирус на 26 февруари, а во петокот бројот на заразени надмина еден милион.