Фото: Игор Бансколиев

СДСМ за претстојната кампања изготвила протокол по кој ќе се одвиваат нивните предизборни и партиски активности, изјави Оливер Спасовски, коментирајќи дека тоа значи оти сите присутни на јавен настан или состанок организиран од СДСМ мора да носат заштитна маска, да одржуваат растојание од 2 метри.

– Групирањето е забрането, а бројот на присутни на јавни настани и средби ќе биде со строга контрола, со најмногу 50 лица на јавна локација и 30 во затворен простор, со задолжителна физичка дистанца – рече Спасовски.

Како што истакна, заради заштита на населението од коронавирус СДСМ ќе води кампања која ќе биде без настани на отворено со повеќе од 50 граѓани во публика; без настани на затворено со повеќе од 30 граѓани во публика; без митинзи и без активности од „врата до врата“.

Спасовски посочи дека е очигледен одговорниот пристап на СДСМ, наспроти нивните опненти од ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски секојдневно ги крши мерките и задолженијата и ги прекршува забраните за јавни собири.


Мицкоски: Нема да водиме кампања зад екраните, ќе бидеме со народот

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска од Струмица најави дека ВМРО-ДПМНЕ за време на кампањата за изборите ќе биде помеѓу граѓаните.

– ВМРО-ДПМНЕ е партија од народот и никако не може да води кампања позади сметачките машини, позади екраните, туку ВМРО-ДПМНЕ ќе биде заедно со народот и во следните 25 дена и во оние 20 дена кои што ќе бидат дел од кампањата, така што очекувајте не, тука сме со народот колку може ќе бидеме заштитени, ќе ги почитуваме оние протоколи за заштита на здравјето на граѓаните – рече Мицкоски.

Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги испрати во историјата политичарите кои што со години ја држат во заложништво Македонија.

– Јас сум оптимист за една голема победа која што ќе се случи на 15 јули. Народот заедно со Коалиција „За Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги испрати во историјата овие неуспешни политичари кои што 3 години ја држат во заложништво Македонија – рече Мицкоски.