Наградите „Прајмтајм еми“, еден од најголемите настани во календарот на шоу-бизниси, ќе се одржат во септември, како што беше планирано со домаќинот на церемонијата, Џими Кимел, соопшти телевизиската куќа Еј-би-си во вторникот.
ТВ-мрежата, дел од компанијата „Волт Дизни“, не откри детали за тоа како ќе се одвива шоуто на кое се доделуваат највисоки почести за најдобрите од телевизиските екрани.
– Не знам каде и како ќе го сториме тоа, па дури и зошто го правиме тоа, но подготовките се во тек и јас сум домаќинот – рече Кимел.
Наградите „Еми“ обично се одржуваат во живо во Лос Анџелес пред публика на sвездите од таканаречената А-листа и им претходи црвен тепих. Не е јасно дали церемонијата ќе се случи порано оваа година, поради ограничувањата на големи собири и препораките за социјално дистанцирање.
Во соопштението стои дека дополнителни детали ќе бидат објавени наскоро. Сценарија што се разгледуваат вклучуваат комплетно виртуелен настан или комбинација на однапред снимени сегменти и онлајн настапи, според холивудското списание „Варајати“.
Од средината на март, пандемијата на коронавирус ја прекина продукцијата на телевизиски емисии и филмови ширум светот и доведе до откажување на филмските фестивали и концерти во живо.