Фото: Маја Јаневска-Илиева

ОПАСНОСТИ ЗА НАЈМЛАДИТЕ

„Тик ток“ минатиот февруари во Америка мораше да плати казна од пет милиони долари поради собирање лични податоци на деца помлади од 13 години

„Тик ток“, една од најпопуларните апликации на светот, а во последно време и на Балканот и во Македонија, станува сѐ поопасна за своите корисници. Иако првенствено е наменета за креирање и споделување кратки видеа, сѐ почесто се користи за поставување предизвици помеѓу корисниците, кои се бизарни, пишува српска „Политика“. Предизвиците почнуваат од лижење тоалетна школка како доказ дека не може да се заболи од коронавирус, до ставања хемиски средства на очите за да им ја променат бојата.

Необичните предизвици носат многу „лајкови“, популарност и можност видеото да стане достапно за корисниците на апликацијата низ светот, а соговорниците на „Политика“ се согласни дека детето, доколку родителите му забранат користење на оваа апликација, веројатно ќе биде исфрлено и исмејувано од друштвото. Затоа, треба да научи како да ја користи апликацијата и да издржи под притисок на друштвото, одговарајќи на предизвиците, а притоа да не го загрози сопствениот живот заради виртуелната популарност.

Освен што се согласуваат на бизарни предизвици, најчестите корисници на оваа апликација се децата, поради што предаторите на многу едноставен начин можат да дојдат до нивните податоци.

– Како проблем при користењето на оваа апликација би го навела и собирањето и продавањето лични податоци. „Тик ток“ минатиот февруари во Америка мораше да плати казна од пет милиони долари поради собирање лични податоци на деца помлади од 13 години. Исто така, докажано е дека оваа апликација со својот алгоритам ги фаворизира белците, богатите и конвенционално привлечните личности, така што нивните видеа им ги прикажува на поголем број корисници.

Доколку креаторот на содржината на оваа апликација е со лош финансиски статус, крупен, има инвалидитет или некој друг недостаток, содржината им се прикажува на помал број лица или целосно се блокира – објаснува Тимеа Кукла од фондацијата „Тијана Јуриќ“.

Според нејзините зборови, тешко е да се утврди колку деца и млади во соседна Србија ја користат оваа апликација, но сигурно бројот е голем со оглед на тоа што популарноста на апликацијата расте секојдневно како и насекаде во светот, па истата таа е преземена повеќе од една милијарда пати.

– Што се однесува до несаканите последици, фондацијата засега нема податоци дека во Србија се случиле сериозни несреќи предизвикани со користењето на оваа апликација, но добиле информации од загрижени родители откако забележале неколку видеа на оваа апликација, кои охрабруваат недолично однесување. Неколку светски интернет-страници укажаа на штетноста од апликацијата дури откако се случија голем број незгоди, вклучувајќи и едно дете што падна во кома по повреда на главата. Дотогаш никој не водеше сметка за тоа што прават и што гледаат децата, тинејџерите и младите на „Тик ток“. Во Америка еден од предизвиците што кружи на оваа апликација до тој степен ѝ избега од контрола на полицијата што тие во соопштение нагласија дека ќе се санкционира со казни па дури и со апсење. Затоа е важно да ја издигнеме свеста кај децата и другите корисници на оваа апликација дека истата таа е многу штетна – вели таа.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Затоа децата се советуваат да бидат претпазливи и да ја наместат апликацијата така што со нив ќе можат да контактираат само и исклучиво нивните пријатели. Исто така, се предлага на листата на пријатели да се додадат само луѓе што ги познаваат и да не отвараат пораки и да не одговараат на нив.

Дека популарноста на „Тик ток“ секојдневно расте се согласуваат и од фондацијата „Шер“, која се занимава со дигитална безбедност. Она на што сите треба да бидеме свесни, нагласуваат од оваа фондација, е дека кога еднаш нешто ќе се сподели на интернет останува засекогаш таму.

– При инсталирањето на апликацијата мал број ги читаат условите за користење и правилата за приватност, корисниците воопшто не се свесни за што сѐ се користат нивните податоци. Основното правило на мнозинството апликации е дека лица помали од 13 години не можат да поседуваат профили. Она што е целосно јасно е тоа дека не е возможно да се контролираат сите правила. Единствено што преостанува и е од исклучителна важност е токму издигнувањето на свеста и медиумската писменост првенствено кај родителите, а потоа и кај децата. Родителите мораат да бидат запознаени со технологијата што ја користат нивните деца и да им се јасни ризиците, а исто така мора да се почитуваат детските права. Тешко е да се воспостави баланс помеѓу контролата и почитувањето на детските права, но токму тоа е она што го донесе дигиталното опкружување – заклучува Невена Кривокапиќ од фондацијата „Шер“.

[email protected]