Во последните 24 часа во Македонија пет лица починаа од коронавирус, а потврдени се 103 нови случаи. Тројца од починатите се од Скопје, еден пациент од Куманово и еден пациент од Тетово.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починал пациент од Куманово на возраст од 80 години, хоспитализиран на 5 јуни. На Клиника за гастроентерохепатологија починала пациентка од Скопје на возраст од 74 години.
Во ГОБ „8 септември“ починале две лица од Скопје, пациентка на 73-годишна возраст, примена на 11 јуни и пациентка на 45-годишна возраст примена на 2 јуни.
Во болницата во Тетово починал пациент од Тетово на возраст од 65 години, хоспитализиран на 6 јуни.
Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 841 тестирање, а регистрирани се 103 нови случаи на ковид-19 во: Скопје – 46, во Тетово – 17, во Струга – девет, во Куманово, Штип и Ресен се потврдени по шест нови случаи, во Велес и Охрид по три нови случаи, во Прилеп два случаи, и по еден нов случај во Битола, Кавадарци, Гостивар, Струмица и Свети Николе.
Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 13 оздравени пациенти од Скопје – 10, Прилеп – двајца паценти и еден излекуван во Тетово.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 4.157, бројката на оздравени пациенти е 1.723, на починати е 193, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.241.
Од направените тестирања во изминатото деноноќие 123 се во рамките на скринингот во градинки во Штип и Охрид каде се потврдени четири позитивни случаи, два во Штип и два во Охрид.
На Инфективната клиника во изминативе 24 часа нема нови приеми, вкупно се хоспитализирани 95 пациенти. На кислородна поддршка се 37 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација.
До утрово, во ГОБ „8 Септември“ примени се 14 нови, а вкупно хоспитализирани 113 пациенти. На респираторна машина се 10, a со потешка клиничка слика се уште 21 пациент.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 26 пациенти, а во болницата во Штип се хоспитализирани 18 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 66 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19.