Фото: Игор Бансколиев

Коорнавирусот нема да си замине. Очигледно со него ќе мора да научиме да живееме, и тоа подолг временски период. Ова значи дека одговорноста на граѓаните сега е уште поголема, истакнуваат претставниците на здравствените власти по ублажувањето на владините мерки за заштита на јавното здравје, додека по укинувањето на полицискиот час и отворањето на кафеаните животот, барем на прв поглед, полека се враќа во нормала или барем во таканареченото ново нормално

Граѓанската одговорност ставена на тест

Отворени кафулиња, луѓе по улиците и парковите, полни пазари, автобуси, деца на игралиштата е вчерашната слика низ земјава по укинувањето на полицискиот час и олабавувањето на рестриктивните мерки што пред повеќе од два месеца беа воведени заради спречување на ширењето на заразата со ковид-19. Но колку генералната слика и да изгледа секојдневна, сепак, деталите откриваат дека работите по корона-кризата не се како порано.
Пред маркетите луѓето стојат на обележано растојание и чекаат да влезат кога капацитетот на објектот ќе овозможи безбедно дистанцирање меѓу муштериите, во продавниците ист е принципот, задолжителна дезинфекција на рацете пред влезот и задолжителна употреба на маска. Маските се присутни и на улиците, кај некого на уста, кај некого под брада, но при влез во затворен простор речиси секаде се употребуваат.

Кафетериите и рестораните од вчера официјално почнаа со работа, а според протоколот усвоен од Владата, во оваа фаза нема да можат да се организираат никакви прослави. Работното време им е ограничено до 22 часот, а работат само летните тераси, поточно посетители има само на отворен простор.
Вработените во угостителскиот објекти, кои послужуваат, треба задолжително да носат заштитни маски и зачестено да одржуваат хигиена на рацете, а се ограничува и бројот на гостите, односно ќе се послужуваат само гости што може да седат или лица што преку шалтер ќе подигнуваат нарачки. Не е дозволено послужување гости што стојат на шанк и на стоечки маси. Покрај тоа, задолжително е и да има растојание меѓу масите.

Се нормализира и јавниот превоз, а почна и бесплатното возење за пензионерите, така што во следниот период се очекува поголем метеж во автобусите. Препораките се рационално користење на превозот и задолжително носење заштитна опрема во согласност со уредбите за заштита од ковид 19.
– Не знам како ќе се почитуваат препораките за физичка дистанца во автобусите. Сега вработените се враќаат на работа, пензионерите ќе можат повторно да го користат бесплатниот превоз, така што ќе има уште поголеми метежи и можност за ширење на вирусот. Чудно е што толку брзо се стабилизира целата ситуација. До пред некој ден имавме продолжен полициски час за викендот, а сега одеднаш сè се отвори – вели Благојче Дамјановски од Скопје.
Според него, сè е работа на навика и веројатно луѓето ќе се навикнат да живеат со новата реалност.

Охрид / Фото: Емил Јовановиќ

– Мораме да промениме некои работи во однесувањето. Не е лошо да се почитуваат редот и дистанцата, да се подобри хигиената, да бидеме малку поорганизирани, па и да носиме маски дури и кога имаме обична настинка, оти очигледно тоа ни недостига. Да се надеваме дека вирусот нема да се повтори наесен, а ако ги почитуваме мерките за заштита, помали се шансите да ни се случи тоа – нагласува Дамјановски.
Од први јуни на работа се враќаат вработените што досега беа дома, а на компаниите им се препорачува да применат соодветен протокол за работа, дејствување и однесување на работно место што се однесува на просторните услови, физичкото растојание во работните и другите простории, носењето лична заштитна опрема и слично.
Дома и натаму остануваат хронично болните и родителите што имаат деца на возраст до 10 години.

– Започнуваме да го враќаме животот во нормала. Почнуваме да ги отвораме бизнисите, го враќаме слободното движење, а наскоро ќе се отворат и границите. Се отвораме како што го прават тоа сите земји околу нас и во светот. Сега сме исправени пред два предизвика – да се навикнеме безусловно да ги почитуваме мерките за заштита на здравјето, кои се предуслов за нормализирање на состојбата или со непочитување на мерките да ризикуваме повторно враќање назад кон рестрикции и остри мерки – изјави министерот за здравство Венко Филипче во видеообраќањето по постепеното нормализирање на состојбата во земјава.
Според него, сега одговорноста на граѓаните е многу поголема и мерките за лична заштита ќе останат подолг период.

Кавадарци / Фото: Мирјана Мукаетова

– Задолжително носење маска или прекривка на устата и носот. Одржување физичка дистанца, редовна хигиена и дезинфекција на рацете се мерки што остануваат дел на нашето секојдневие. Со овие мерки ние продолжуваме и понатаму и со нив ќе се заштитиме. Вирусот нема да си замине. Очигледно со него ќе мора да научиме да живееме, и тоа подолг временски период. Ова значи дека одговорноста на граѓаните сега е уште поголема. Недозволиво е оние што ги почитуваат мерките да бидат во ризик од оние што не го прават тоа – порача Филипче.
Тој упати апел до надлежните институции да ги санкционираат сите оние што го загрозуваат јавното здравје.

– Ова е наша заедничка борба. Само заедно можеме да ја надминеме оваа состојба. Верувам дека од оваа криза ќе излеземе многу посилни и помудри и ќе разбереме колку се важни граѓанската солидарност, поддршката на институциите и меѓусебното помагање – порача во видеообраќањето Филипче.


Кумановските угостители задоволни што најпосле почнаа со работа

По паузата од повеќе од два месеца, вчераутро, точно во 8 часот, угостителските работници од Куманово најпосле започнаа со својата редовна работа.
– Задоволни сме што најпосле, по долгата пауза, почнавме со редовна работа, но и од првичните мерки на Владата, со надеж дека во наредниот период мерките на Владата ќе бидат уште поублажени, за да можеме да се вратиме на вообичаените капацитети со кои работевме во минатото – изјави сопственик на една од кумановските пицерии. Т.Д.


И кафулињата во Прилеп ги пречекаа првите гости

И прилепските кафулиња ги отворија вратите за своите посетители. Иако велат дека ќе немаат добивка од работата, сепак ги пречекаа првите гости по два месеца.
Маси поставени според протоколите, на два метра, келнери со маски, гости дел со маски, дел без маски. Тоа беше сликата од првиот ден. Повеќемина од тие што не носеа маски ни рекоа дека се брачни двојки. Го испија со задоволство долгопосакуваното кафе, посочувајќи дека ги почитуваат препорачаните мерки за заштита. К.М.


Широк сокак повторно оживеа

Одлуката за отворање на рестораните и кафулињата во Битола ги извади битолчаните на Широк сокак. Но иако вчера во Битола грееше и сонце, кафулињата, летните бавчи на хотелот „Епинал“ и на ресторанот „Корзо“ беа речиси (полу)празни.
Сите угостителски објекти ги поставија масите во согласност со препораките на Министерството за здравство. На секоја маса имаше средства за дезинфекција, а келнерите имаа маски.
Очигледно е дека атмосферата во Битола не е каква што беше пред затворањето на угостителските објекти и дека ќе им треба време, не само на сопствениците на објектите туку и на битолчани да се навикнат на новите услови за уживање во оваа амбиентална улица. М.М.