Најмалку шест лица загинаа, а тројца други се повредени во инцидент со пукање што се случи во југозападната саудиска провинција Асир, соопшти државната новинска агенција „Сауди прес“, повикувајќи се на портпаролот на полицијата во покраината.
Портпаролот потполковник Заид Мохамед ал-Дабаш рече дека инцидентот се случил во областа Умвах во вторникот наутро, додавајќи дека повредените биле пренесени во локалната болница. Според Дабаш, во моментот се завршени потребните процедури за да се пренесе случајот во Јавното обвинителство.
Видео од пукањето, чија автентичност не може да се потврди, се појави на Твитер. Видеото, снимено од далечина, прикажува престрелка меѓу неколку лица на паркинг. Се слушаат неколку рунди истрели од огнено оружје, но ниту напаѓачот ниту жртвите не се гледаат.
„Мидл Ист монитор“ извести, повикувајќи се на локални извори, дека инцидентот најверојатно е поттикнат од спор меѓу две семејства. Полицијата досега одбила да коментира дали пукањето е поврзано со тероризам.