Социјалната мрежа Јутјуб изобилува со разновидни видеозаписи и поради тоа е популарна меѓу корисниците, кои често го губат поимот за времето кога ги гледаат и доцна одат на спиење, па се будат исцрпени и сонливи. За да се избегне тоа, тимот на Јутјуб одлучи да воведе нова опција, која ќе ги потсетува луѓето кога е време да одат на спиење.
Би-би-си објави дека Јутјуб всушност промовира „дигитален велнес“ и оти станува збор за еден вид потсетник, што се активира во текот на користењето на мрежата и автоматски го прекинува видеото со известување дека треба да се оди в кревет. Оваа опција е направена за андроид-телефоните, а за да се активира, мора да се отиде на јутјуб-каналот и да се вклучи опцијата „потсети ме кога е време за спиење“. Потоа се нуди уште една можност, а тоа е лицето да може да избере во колку часот сака Јутјуб да го извести, можеби додека гледа видео или, пак, откако нешто ќе заврши. Исто така е и кај алармот. Потсетникот може да се одложи, но ќе продолжи да се активира во еднакви временски периоди потоа.
Од Јутјуб наведуваат дека оваа опција ја осмислиле за да им овозможат на луѓето квалитетен сон и да ги предупреди кога претеруваат со користењето на нивната апликација.