Минувачите во Бразил извикуваа „убиец“ и „ѓубре“ кон бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, кој во саботата опкружен со телохранители излезе на пијалок и хот-дог , на денот кога 965 граѓани починаа од коронавирус.
Си-ен-ен пренесува дека на видеото коешто нивните новинари имале можност да го видат, е снимен претседателот како јаде и пие додека минувачите извикуваат „убиец“ и „ѓубре“. Претседателот бил опкружен со телохранители, а во еден момент се свртел кон толпата и се заканил со прст.
Бразил се најде на второто место во светот по бројот на заразени со коронавирус во текот на викендот, оставајќи ги зад себе Русија и Велика Британија. Економските последици од карантинските мерки имаа многу негативен ефект врз државата.
Според „Гардијан“, Болсонаро повеќе пати ги прекршил мерките за физичко растојание издадени од Министерството за здравство, и тој продолжил да го прави тоа и овој викенд, дури и ако бројот на смртни случаи од вкоронавирусот во Бразил се искачи на повеќе од 22.000.