АЛПСКО СКИЈАЊЕ
Швајцарската скијачка федерација објави дека еден од најпознатите скијачки центри каде што се одржуваат трките на Светскиот куп (СК) од сезоната 2021/2022 повеќе нема да биде на календарот на СК. Станува збор за трките во алпско скијање во Венген, на патеката Лауберхорн, која има традиција од 90 години. Како причина за откажувањето на трката Швајцарската федерација ги наведе несогласувањата во однос на финансиските услови со локалните организатори.
– Не можеме да ги исполниме финансиските барања на Организацискиот комитет во Венген и затоа оваа трка планираме да ја отстраниме од календарот за трки на Светскиот куп. За нас е важно да обезбедиме атрактивни трки на Светскиот куп во Швајцарија, вклучувајќи ги и оние на патеката Лауберхорн, но под добри финансиски услови – пишува во соопштението на Скијачката федерација на Швајцарија.
Трките на Лауберхорн, слалом и спуст, се одржуваат од 1930 година, патеката за спуст од 4,5 км во моментов е најдолгата во Светскиот куп и на неа се достигнуваат рекордни брзини во СК.