Факултетите не смеат да организираат испити и колоквиуми со физичко присуство, вели министерот Арбер Адеми, потенцирајќи дека уредбата на Владата која е донесена на почетокот од пандемијата и вонредната состојба, останува во сила.
Во овој период, факултетите можат да организираат само активности преку средствата за електронска комуникација и истото засега ќе важи и за јунската сесија. За физичко присуство, прво ќе мора да се донесе протокол од Комисијата за заразни болести.
– Знаеме дека во меѓувреме имаше петиција за да не се организираат испитите преку средствата за електронска комуникација, особено јунската сесија, сè уште оваа одредба од уредбата е во сила, бидејќи сè уште сме во вонредна состојба. Ние сме во постојана комуникација со високообразовните установи, па ако се одлучиме да дадеме можност јунската сесија да биде со физичко присуство, тоа ќе биде по донесување на конкретен протокол од страна на Владата, а предложен од Комисијата за заразни болести. Така што, мора да се почитуваат препораките од Владата и здравствените органи и авторитети – кажа Адеми.
Според него, досега организираните испити поминале без никаков проблем.
– Сите наши одлуки и решенија биле мотивирани од најдобриот интерес на учениците, професорите, наставниците. Навреме донесовме уредба со законска сила каде предвидовме дека целата дејност во високообразовните установи ќе се организира преку средствата за електронска комуникација. Така што, одржување на испитите, одржување на колоквиумите, одбрана на додипломски трудови, магистерски трудови, докторски трудови, одлучивме уште на почетокот на пандемијата да се организираат онлајн имајќи во предвид дека секој ученик и студент треба да продолжи со образовната надградба и во вакви околности. Знаеме дека во меѓувреме се организираа испитите, нема никаков проблем, во уредбата стои дека факултетот сам треба да обезбеди технички услови за да има кредибилитет на процесот на оценување на студентите – додаде Адеми.