Ердоган беше пред најголем изборен тест во изминатите 15 години, но обезбеди триумф што му дава нови големи претседателски ингеренции со кои ќе може да владее со турската држава најмалку до 2023 година
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот (АКП) извојуваа двојна победа на претседателските и на парламентарните избори во Турција. Ердоган беше пред најголем изборен тест во изминатите 15 години, но обезбеди триумф што му дава нови големи изврши претседателски ингеренции, со кои ќе може да владее со турската држава најмалку до 2023 година.
Најпопуларниот, но исто така и најконтроверзен лидер во модерната турска историја вети дека ќе продолжи да ја реформира Турција, која е дел од НАТО и е кандидат за членство во ЕУ, но во моментот има разнишани односи со евроатлантските сојузници, посочува Ројтерс.
– Победник на овие избори е секое лице меѓу 81 милион граѓани. Нема да запреме додека не ја вивнеме Турција, која ја спасивме од заговорниците, пучистите, политичките и економските убијци, уличните банди и терористичките организации, меѓу десетте водечки економии во светот – порача Ердоган.
Лирата, која загуби речиси 20 отсто од вредноста во изминатата година, регистрира пораст по веста за изборната победа на Ердоган, јави Ројтерс.
Освен што вети јакнење на економијата, тој во победничкиот говор нагласи и дека ќе продолжи да ги „ослободува сириските територии“ за бегалците да можат да се вратат дома, но и дека уште посилно ќе удри по терористите.
Според првичните неофицијални резултати што ги објавија државните медиуми врз основа на 99 отсто преброени гласови, Ердоган обезбедил 52,5 отсто од гласовите, а неговиот главен опозициски противкандидат Мухарем Инџе од Народната републиканска партија (ЦХП) околу 31 отсто од гласовите. Другите претседателски кандидати освоија помалку од десет отсто од гласовите. Владејачката АКП, пак, обезбеди победа на парламентарните избори со 42 отсто освоени гласови или проектирани 293 места во новиот проширен шестотиничлен парламент. Нивниот коалициски партнер Партија на национално движење (МХП) обезбеди 11 отсто од гласовите, или 50 места. Опозициската ЦХП освои само 23 отсто од гласовите (146 место), наспроти популарноста на нејзиниот претседателски кандидат Инџе, додека националистичката Добра партија (ИЈИ) освои 10 отсто, или 44 места. Прокурдската Народна демократска партија (ХДП) го надмина потребниот праг од десет отсто за влез во парламентот и со 67 освоени места ќе биде втора најголема опозициска сила во законодавниот дом.
Турската опозиција во изминатите недели ја зголеми поддршката во анкетите и некои аналитичари прогнозираа дека можеби може им да ги расипе изборните пресметки на Ердоган и на АКП, но тие сепак обезбедија двоен триумф. Опозицијата во неделата одби да признае пораз, но нагласи дека ќе продолжи да со „демократската борба каков и да биде резултатот“. Таа претходно ги обвини државните медиуми за „манипулирање“ со резултатите од гласањето (конечните резултати ќе бидат објавени в петок).
– Се надевам дека никој нема да се обиде да фрли сенка на резултатите и да ѝ наштети на демократијата само за да го скрие сопствениот неуспех – им порача Ердоган на политичките ривали, кои, како што посочува Ројтерс, во повеќе наврати ги прикажуваше како непријатели на демократијата, повикувајќи се на неуспешниот пуч од 2016 година.
Гласањето претставува вовед на нова ера во Турција, во која претседателот ќе има моќна извршна функција, што беше обезбедена со тесно мнозинство на ланскиот референдум за промени на Уставот. Со новата проширена функција, Ердоган, меѓу другото, ќе може директно да назначува министри, судии, потпретседатели, да се меша во законодавниот систем и да прогласува вонредна состојба. Со новиот систем се укинува функцијата премиер, која Ердоган ја извршуваше 11 години пред да биде избран за претседател во 2014 година. Со измените, тој може да се кандидира и за трет мандат кога ќе му заврши вториот во 2023 година, што значи дека би можел да владее со Турција до 2028 година.
Аналитичарите посочуваат дека Ердоган изминатите години обезбеди силна поддршка, особено кај работничката класа, со јакнење на економијата и со отворање голем број училишта, болници и со развој на инфраструктурата во државата. Од друга страна, критичарите го обвинуваат за задушување на демократијата и за јакнење на авторитарното владеење. Тие обвинуваат дека Ердоган ја користи вонредната состојба што е во сила по неуспешниот пуч во 2016 година, за да се пресмета со противниците и нагласуваат дека оттогаш се отпуштени над 100.000 јавни службеници и војници, а дека над 50.000 други во затвор чекаат судење, меѓу нив и многу новинари. Истите тие го нарекуваат и „султан и диктатор“ и тврдат дека тој со новите извршни овластувања уште повеќе ќе ја зајакне моќта, бидејќи новиот претседателски систем во Турција ги нема контролите и ограничувањата што ги имаат другите претседателски системи во светот, како на пример во Франција или во САД.
Повеќе светски лидери му ја честитаа изборната победа Ердоган, а меѓу првите беа и рускиот претседател Владимир Путин и иранскиот претседател Хасан Рохани. Унгарскиот премиер Виктор Орбан беше првиот лидер на ЕУ што му ја честиташе победата на турскиот претседател, а честитки за триумфот му упати и македонскиот претседател Ѓорге Иванов, јави агенцијата Анадолија.