Вчерашната, втора лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, на тема датум за предвремени парламентарни избори, по речиси четиричасовно заседавање не донесе заемно усогласен став и конечен договор на партиите за можниот термин за изборно соочување. Лидерите на седумте парламентарни партии и овој пат не ги приближија своите позиции за терминот за одржување на изборите. На почетокот на средбата биле изнесени повеќе различни мислења за тоа кога е најдобро да се одржат изборите.
Сепак, главното разидување во гледиштата било, како што првично изјавија некои од учесниците на средбата, меѓу лидерот на владејачката СДСМ, Зоран Заев, и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Лидерите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, во вилата „Водно“ настапија со ставот дека избори треба да има избори што поскоро. СДСМ повторно ги афирмира своите очекувања вонредните парламентарни избори да се организираат 22 дена по завршување на вонредната состојба. Според пресметките, со такви изборни параметри, предлогот за изборен ден од страна на СДСМ би требало да биде 21 јуни, но тие би толерирале и една седмица подоцна, односно изборите да се одржат на 28 јуни. Од ДУИ претпочитале избори во јуни или евентуално на 5 јули.
На оваа средба, опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе првпат со поконкретен предлог во однос на терминот на изборите, но, сепак, без конкретен датум. За ВМРО-ДПМНЕ оптималниот период за одржување избори е крајот на летото, односно во август. Пред почетокот на лидерската средба, опозициската партија го изнесе својот став во јавноста, истакнувајќи дека овој период е предложен како најмалку опасен по здравјето на граѓаните и очекуваното стабилизирање на корона-кризата дотогаш. Со овој датум се избегнува стравувањето од нов бран од корона, бидејќи сите најави се дека тој ќе се случи на почетокот на зимата, или во доцна есен, што го потврдува и Светската здравствена организација.
Крајот на летото е период кога најголемиот дел луѓе се во земјава, со што е присутна и можноста за кредибилни избори со висок одзив. Наедно ќе се има и појасна слика за ризиците и состојбата со короната во државата, а ДИК ќе има време за организирање изборен процес што ќе обезбеди заштита на здравјето на граѓаните.
Од лидерот на СДСМ, предложениот термин за избори од опозицијата бил оценет како неодговорен и дека тоа е долг период без собрание и дека ќе бидат „загрозени и здравјето и економијата и демократијата“.
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети пак инсистирал изборите да се одржат најдоцна до крајот на јуни, или почетокот на јули. Ахмети истакнал дека според него најдобро е изборите да се одржат на 21 јуни, а 5 јули е последен термин што би го прифатил лидерот на ДУИ. Според него, било кој подоцнежен термин во јули и август не се воопшто во опција.
Како еден од аргументите за создадени услови за одржување избори беше наведена и подготвеноста на ОДИХР да ја испрати својата набљудувачка мисија. Но од ОДИХР за македонски медиуми изјавија дека без одлука за датумот за избори, тие не можат да прават никакви планови за мониторинг, а ОДИХР не е организација што се меша во носењето одлука за датум, ниту дава совети дали треба или не треба да се одржат избори во некоја земја.