Наоѓањето нови начини за експлоатација и злоупотреба на децата е во пораст. Исто така, има зголемување и на обидите за влез на интернет-страници што нудат детска порнографија во живо

КРИМИНАЛЦИТЕ НЕ МИРУВААТ

Откако коронавирусот завладеа со светот, нема крај на многубројните обиди на криминалците на секој можен начин успешно да заработат и да ги наполнат своите паричници. Светските медиуми се полни со информации за тајното работење на криминалците, за нивните обиди да ја искористат здравствената криза. Откако на големо заработуваа на заштитни маски, но и со измами со средства за дезинфекција, сега на удар се мигрантите, децата и социјално ранливите категории.

Извештаите на светските институции што се занимаваат со човековите права и нивната заштита, но и полициите на европско ниво, информираат дека коронавирусот на големо ги отвори вратите за нови начини за злоупотреба на децата, сезонските работници, но и сексуалните работници. Откако земјите низ светот ги затворија своите граници за да воспостават контрола и ред во обидот за запирање на ширењето на коронавирусот, околностите ги принудија шверцерите на луѓе да бараат нови начини за да ја искористат ранливоста на мигрантите, кои сакаат да влезат во некоја од европските земји.

Затворањето на границите и патничките рестрикции придонесоа за промена на шверцувањето мигранти. Наместо авионски, сега на големо се пренесуваат на копно и преку вода. Зголемен е бројот на мали бродови што се користат за незабележано да преминуваат преку речните граници. Мигрантите исто така се кријат и во товарни камиони и возови, кои непречено сообраќаат преку границите.
Во земјите каде што проституцијата е легална, затворањето на јавните куќи ја зголеми илегалната сексуална експлоатација. Сексуалната експлоатација е најпријавувана криминална дејност во Европската Унија, експлоатирајќи ги граѓаните од Источна и од Централна Европа, како и жителите од Нигерија.

Патничките рестрикции исто така придонесоа за комплицирање на сезонското вработување во земјоделството и зголемување на побарувачката за работници од трети земји. Криминалците од Нигерија ги злоупотребуваат сопствените жители користејќи ги нивните верувања во вуду-магии и ритуали. Криминалците ги користат економските ранливости како можност за зголемување на нелегалниот профит. Во 2019 година, тие го зголемуваат својот фокус во работничка експлоатација во помалку контролираните индустрии, како што се земјоделството и нелегалните посвојувања.
– Уште на самиот почеток од 2020 година, земјите-членки на Европската Унија и земјите-партнери, како и земјите надвор од шенген-зоната, беа погодени од пандемијата на коронавирусот.

Кризата ќе има продолжено влијание врз нашите општества и економии. Истото тоа се однесува и на организираниот криминал, каде што криминалците не се обидуваат да заработат само од сајбер-криминал и измами, туку ќе се обидат да спечалат и од шверцување мигранти и трговија со луѓе. За да успееме да го спречиме тоа, мора заеднички да работиме, истакна извршната директорка на Европол, Катерине де Бол.
Со соодветни предупредувања излегоа и Обединетите нации, кои бараат да се посвети поголемо внимание на злоупотребата на децата и да им се дава соодветна помош на мигрантите или на другите жртви од ранливите групи. За време на пандемијата, зголемен е бројот на деца што се принудени да бидат на улиците за да заработат пари и да најдат храна, што е јасен показател дека е зголемен ризикот од нивна експлоатација.

Затворањето на училиштата не го блокира само пристапот на децата до образованието. Обединетите нации неодамна истакнаа дека 370 милиони ученици низ светот немаат училишни оброци или се служат со ограничени нутритивни јадења..
– Зголемувањето на насилството врз децата несомнено ќе доведе до доживотни импликации врз огромен број млади лица низ светот. Дури и пред кризата, повеќе од 66 милиони деца веќе живееја во лоши социоекономски услови – истакна Мама Фатима Сингатекс, специјална известувачка за продажба и сексуална експлоатација на децата за Обединетите нации во Женева.

Според неа, наоѓањето нови начини за експлоатација и злоупотреба на децата, како што е нивната достава до клиентите, е во пораст. Исто така, има зголемување и на обидот за влез на интернет-страници што нудат детска порнографија.
– Производството и пристапот до материјал со сексуална злоупотреба на децата, како и пренос во живо на интернет, сега стана лесна алтернатива за да се привлечат децата во сексуални активности – истакна таа.