Весникот „Пензионер плус“ и веб-страницата на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија (СЗПМ) одбележуваат 10 години од излегувањето. По овој јубилеен повод, на 26 јуни ќе се одржи свечена седница. „Пензионер плус“ се печати веќе десет години и е бесплатен весник, кој го издава Сојузот на здруженија на пензионери. Иницијатор за негово основање и печатење е претседателот на СЗПМ, Драги Аргировски. Се печати во шест илјади примероци и се дистрибуира низ цела Македонија, поточно во 53 здруженија и над 400 клуба. Во него има една страница на албански јазик, а го читаат 250 илјади пензионери и нивните семејства – вели претседателката на комисијата за информирање на СЗПМ и главна и одговорна уредничка на „Пензионер плус“, Калина С. Андонова.
Андонова посочи дека во овој весник може да се прочита за активностите на сојузот, на здруженијата, но и разни написи за здравје и забава, како и други значајни информации за случувањата и новините во земјава, или, пак, за новини во здравствениот систем.
– Имаме најголема дописна мрежа, од околу 50 дописници. Иако не станува збор за професионални новинари, сепак, тоа се лица со богато работно искуство зад себе. Покрај „Пензионер плус“, имаме и други изданија, едно во весникот „Коха“ и едно во „Нова Македонија“, а тие може да се прочитаат на пензионерската веб-страница – додава Андонова.