Невработените, младите, студентите, социјално загрозените лица, земјоделците, како и лицата од јавниот здравствен сектор ќе добијат директна помош од Владата, најави премиерот Оливер Спасовски, презентирајќи го третиот пакет владини економски мерки наменети за ублажување на последиците врз економијата предизвикани од пандемијата.
Вредноста на третиот економски пакет изнесува 355 милиони евра, а со нив се очекува да бидат опфатени 730.000 корисници.
– Третиот сет мерки се однесуваат на ревитализација, на закрепнување на економијата и стимулирање на потрошувачката и на индустријата. Се поддржуваат сите категории, и социјално ранливите групи и бизнисите. Станува збор за директна финансиска поддршка на граѓаните, за заживување на стопанството и награда за здравствените работници – истакна Спасовски.
Според него, претходните два сета мерки создадоа услови за третиот пакет економски мерки, кој има за цел да ја заживее економијата.
– Првиот столб се платежни картички во вредност од 9.000 денари, кои ќе може да ги добијат околу 100 илјади граѓани. Нив ќе може да ги добијат сите невработени лица, барателите на работа што немаат месечни примања над 15.000 денари, како и примателите на гарантирана минимална помош. Овие картички ќе може да се користат само за домашни компании, производи и услуги и во определен период од 30 дена. Вкупната вредност на оваа мерка е 16 милиони евра – појасни Спасовски.
Тој додаде дека околу 100 илјади граѓани ќе може да добијат и ваучери за домашен туризам од 6.000 денари и платежна картичка од 3.000 денари.
За младите се планирани неколку вида картички и ваучери. Едниот е ваучер од најмногу 6.000 денари за покривање на партиципацијата на факултетите или за сместување во студентските и ученичките домови, како и во други сместувачки капацитети за студентите со ниски приходи. Оваа мерка опфаќа и платежна картичка од 3.000 денари за домашните производи.
Уште една мерка за младите е ваучер од 30.000 денари за кофинансирање обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини.
Техничкиот премиер најави и викенд без данок на додадена вредност (ДДВ).
– На овој начин поттикнуваме потрошувачка и раст на приходите во одредени сектори, како продавници за облека, бела техника, мебел, санитарија, училиштен прибор и книги. Очекуваме дополнителен приход од 20 милиони евра, кои ќе се слеат во македонското стопанство – истакна Спасовски.
Паричен надоместок, според новиот економски пакет, е најавен и за сите што останале без работа во периодот од 11 март до 30 април.
– Надоместокот ќе може да го добијат сите што го прекинале работниот однос преку дадена изјава, спогодбено или добиле отказ – појасни Спасовски.
Со мерките се предвидуваат и бескаматни кредити за фирми преку развојна банка од 31 милион евра за поддршка на жени, млади и дигитализација на бизнисот, како и грантови и неповратни средства за компании што се водени од жени или вработуваат млади лица, кои се извозно ориентирани или воведуваат иновација и дигитализација.
За помош на земјоделците ќе се издвојат 76,1 милиони евра, додека, пак, за вработените на Клиниката за инфективни болести, Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје и членови на тимови на итна помош ќе добијат 20 отсто повисока плата за два месеца преку домашна платежна картичка.
За стартапи од пакетот ќе се издвојат 125 милиони евра за извозно ориентирани компании, како и гаранција за обезбедување царински долг. Дополнителни 25 милиони евра ќе бидат одвоени за приватен сектор за нови пазари, конкурентност и модернизација.
За воведување дигитална платформа за нови пазари за текстилните фирми ќе се издвојат еден милиони евра, како и 1,6 милион евра за иновативни продукти и за трансформирање на етноселото во Нерези во македонско стартап-село. Меѓу другото, како што најави Спасовски, ќе се кофинансираат настани и конференции со 50 отсто, или најмногу до 30 илјади денари. За оваа намена ќе бидат издвоени 245 илјади евра.