Откако најпрво започна поставување на хоризонтална сигнализација на градските улици, во Кичево засилено се одвива и санација на сообраќајниците во сите делови на градот, каде што има оштетувања и напукнувања на асфалтот и ударни дупки предизвикани од врнежите од дожд и мразот во текот на зимата. Средствата за оваа намена ги обезбеди ЕЛС Кичево од сопствениот буџет а целокупната операција треба да заврши до средината на мај.
Изведувач на работите е локалната компанија „Еуроинвест“, која го користи убавото време што поскоро да ја заврши штотуку започнатата работа и на граѓаните на Кичево им создаде подобри услови за движење и безбедно одвивање на сообраќајот.
Со овој зафат покрај градските сообраќајници, ќе бидат опфатени и патиштата до повеќе рурални средини, ќе се изврши и крпење на оштетените улици во селата и патиштата до селата кои претрпеле најголеми оштетувања.
– Со средства што се обезбедени од Општина Кичево, ја започнавме редовната санација на сообраќајниците во градот, кои претрпеле поголеми оштетувања во текот на зимата од мразот и врнежите од дожд, кои се зачестени во овој период од годината.
Оваа интервенција и санација на сообраќајниците ќе помогне возилата што помалку да се оштетуваат движејќи се низ градските улици а и пешаците ќе бидат поштедени од прскање на возилата, кои во движење ќе поминат по ударни дупки полни со вода. Со овој зафат целосно ќе ги подготвиме сите сообраќајници во градот за летниот период, кога интензитетот на сообраќајот двојно ќе се зголеми, кога тука на годишен одмор се враќаат поголем дел на печалбари родум од овој крај – истакна Бурим Кадриу, задолжен за финансирање и буџет на Општина Кичево.
Тој додаде дека, покрај градските сообраќајници, со овој зафат ќе бидат опфатени и повеќе патишта за кон селата и улиците во самите села, во оние рурални средини каде што оштетувањата се најголеми.