Експерт за вакцини сведочеше против Трамп
Докторот Рик Брајт, поранешниот директор на Управата за биомедицински истражувања и развој, сведочеше пред американскиот Конгрес за неподготвеноста на администрацијата на претседателот Доналд Трамп на пандемијата на коронавирус.
Брајт смета дека целата администрација можела да направи подобро во почетокот на пандемијата.
– Верувам дека можевме подобро. Верувам дека критичните потези не ги презедовме навреме – рекол Брајт и споменал мејл што го добил од доставувачот на медицинска опрема Мајк Бовен, кој изразил загриженост поради малиот број респиратори Н95, додавајќи дека владата одбила да го зголеми производството.
Брајт рекол дека се обидел да ги предупреди првите луѓе во владата за таквите проблеми, но секогаш добивал оправдувања или не добивал никакви одговори.
Брајт е еден од водечките луѓе во САД што се однесува до развој на вакцини и верува дека периодото од 12-18 месеци за развој на вакцина против коронавирус е многу оптимистично сценарио.
– Можеме да добиеме вакцина во тој период ако се помине совршено. Никогаш не е се совршено и верувам дека ќе треба подолго време за да дојдеме до вакцина. Се грижам дека ако многу брзаме и ги прескокнуваме критичните чекори, дека во тој случај нема да можеме да ја оцениме безбедноста на вакцината, така што ќе ни треба време – објаснува Брајт.
Тој и претходно ја обвини администрацијата на Трамп дека се обидува побрзо да го употреби хидроксиклорокин, лек против маларија, за лекување на пациенти со ковид-19 , поради што, како што тврди тој, бил сменет од функцијата.
Трамп на Твитер напиша дека никогаш не слушнал за Брајт.