Ако се користат претходните пандемии како некаков водич, за очекување е состојбата на сиромашните и на ранливите категории на граѓани да се влоши поради здравствената криза, сметаат експертите, предупредувајќи дека поради актуелнава пандемија уште повеќе ќе се зголеми нееднаквоста
Економската криза наметната поради ширењето на ковид-19 се смета за една од најголемите економски кризи, по големата депресија. На почетокот на годината Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) очекуваше глобалниот приход да порасне за 3 проценти, но поради случувањата поврзани со мерките за сузбивање на пандемијата, на последната проекција монетарците ги променија своите очекувања со пад на светската економија од три отсто. Овој пад се смета дури и за поголем отколку економскиот пад за време на финансиската криза од 2008-2009 година.
Се влоши состојбата на сиромашните и на
ранливите категории на граѓани
Аналитичарите на ММФ укажуваат дека падот на економијата ќе донесе уште една голема опасност, особено ако се покажат претходните пандемии како некаков водич, тогаш сметаат дека е за очекување состојбата на сиромашните и ранливите категории на граѓани да се влоши поради здравствената криза. Наедно, монетарците сметаат дека поради пандемијата уште повеќе ќе се зголеми нееднаквоста.
– Откриваме дека главните епидемии во овој век ја зголемиле нееднаквоста и им наштетиле на изгледите за вработување на оние со основно образование, додека речиси и не влијаеле врз лица со напредни степени. Се фокусиравме на пет здравствени кризи, како САРС (2003), Х1Н1 (2009), МЕРС (2012), ебола (2014) и зика (2016). Генерално, коефициентот Џини, мерка за нееднаквост, растел по секој од овие настани. Нашите анализи покажуваат дека нееднаквоста се зголемува и покрај напорите на владите да ги прераспределат приходите од богатите до сиромашните за да ги ублажат ефектите – се наведува во извештајот објавен на страна на ММФ.
Монетарците исто така посочуваат дека меѓу придружните ефекти од пандемиите што се јавуваат како резултат на загуба на работното место се и други проблеми со приходите, како што се на пример намалувањето на дознаките или намалувањето на шансите за вработување.
– Без обиди за спречување, веројатно ќе забележиме уште поголемо зголемување на нееднаквоста, што веќе беше еден од најсложените и најтешки предизвици на светската економија. Проширување на системите за социјална помош, воведување нови трансфери, зајакнување на јавните програми за вработување, можности за финансирање, одржување на работните места и прогресивни даноци се дел од мерките што може да се преземат – рече Кристалина Георгиева, управната директорка на ММФ.
Таа дополни дека во вакви ситуации пристапот до боледување, бенефиции за невработеност и здравствени придобивки е корисен за сите во справувањето со ефектите од пандемијата, но особено за посиромашните што немаат заштеди.
Монетарците истакнуваат дека е важно креаторите на политиките да направат фундаментални промени и при следните шокови да има воспоставено механизми за социјална помош со која ќе ги заштитат најранливите многу подобро отколку денес.
Домашните економисти во согласност со истражувањата што ги направиле по почнувањето на кризата со ковид-19 посочуваат дека кај македонските граѓани најпогодени од кризата се лицата што спаѓаат во групата на самовработени или, пак, со нередовни работни односи.
– Три четвртини од вработените и компаниите во Северна Македонија се погодени од економската криза предизвикана од ширењето на ковид-19. Состојбата кај самовработените и микробизнисите е дополнително критична. Најчестиот механизам што го примениле работодавците за приспособување на корона-кризата е намалување на платата и прекинување на дополнителните исплати. Невработените изгубиле надеж дека ќе најдат работа, а доходот во нивното домаќинство се намалил. Повремените приходи прекинале кај невработени со инцидентни работни ангажмани. Најголем дел од населението може да издржи најмногу до три месеци во тековните економски околности, а главниот механизам за справување со економската криза е сведување на потрошувачката на минимум – се вели во заклучоците од истражувањето направено од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.
Корона-кризата ги еродира надежите за наоѓање работа
Меѓу другото, во истражувањето е посочено дека самовработените се особено тешко погодени од корона-кризата, со оглед дека 89 отсто од нив изјавиле дека кризата го погодила нивниот микробизнис. Притоа од „Фајненс тинк“ додаваат дека иако фокусот на носителите на политиките по избувнувањето на кризата беше ставен врз компаниите и вработените, кризата е особено значајна и за невработените лица.
– Корона-кризата главно ги еродирала надежите за наоѓање работа кај невработените, проследено со намалување на доходот во домаќинството од кој се издржувале. За разлика од нив, главниот удар врз невработените што имале инцидентни работни ангажмани е преку намалениот или прекинат повремен доход, проследено со намалените надежи дека државата ќе помогне на каков било начин – истакнуваат од „Фајненс тинк“.
Економскиот аналитичар Здравко Савески за „Нова Македонија“ посочи дека ова економско нарушување ќе има сериозни економски импликации, особено кон најранливите категории на граѓани.
– Вообичаено, од ваквите кризи најпогодени се земјите во развој, а во нив најранливите категории, оние што немаат редовни приходи и кои може брзо да бидат избркани од работа. Државата треба да има поактивна улога во економијата, во спротивно ќе има големо зголемување на невработеноста.
Државата ќе мора да создава работни места, а не само да се обидува да ги спаси оние во приватниот сектор. Кризата нема да помине без зголемување на невработеноста, а со тоа и раст на сиромаштијата – појаснува Савески.
Тој додава дека има простор за отворање нови работни места во секторот здравство, кој има голем недостиг од медицински лица, но и во образованиот систем и во инспекциските служби.