Во присуство на голем број гости и граѓани на Кичево, во Центарот за култура во овој град, се одржа петтиот Мултикултурен ден. Најпрво во холот од Центарот за култура беа претставени носии од сите националности кои живеат во оваа општина, така присутните можеа да ги видат македонската, албанската, турската, ромската, влашката и српската носија, со сите особености кои ги красат овие носии.
Потоа во големата сала од Центарот за култура беше организирана културно-забавна програма на која настапија ученици од Основното училиште од Крушево, кои изведоа неколку влашки ора, потоа познати солисти од Кичево изведоа неколку песни на албански јазик, додека друштвото на ромите се претстави со повеќе ромски игри. Од страна на учениците од турската заедница беше изведен еден скеч, додека културно уметничките друштва на македонците од Кичево изведоа сплет од повеќе ора.
На овој Мултикултурен ден присуствуваше и директорот на Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците во РМ, Менфи Илјаз.
-Кичево е најдобриот пример каде што мултикултурализмот функционира на највисоко рамниште, а денешниот ден е уште една потврда дека градот со повеќе етнички заедници одлично функционира. Иако втора година по ред сме гости на овој Мултикултурен ден, за жал досега ја немавте нашата финансиска подршка, но бидете уведени дека се ќе сториме што е во наша моќ, догодина и финансиски да го подржиме овој Мултикултурен ден, затоа што вие тоа и го заслужувате-рече директорот Менфи Илјаз.
По завршувањето на програмата имаше дегустација на храна подготвена од сите етнички заедници, што беше можност сите присутни на овој настан да ги дегустираат и специјалитетите што не се својствени за нивната кујна.
Од сите присутни беше истакната одличната организација на петтиот Мултикултурен ден.
-И годинешниот петти по ред Мултикултурен ден е најдобар доказ дека од година во година се повеќе растеме и ги отстрануваме слабостите кои се појавија во претходните години. Големиот интерес на граѓаните и за годинешниот настан е најдобар доказ дека овој Мултикултурен ден си го најде своето место меѓу нашите сограѓани и затоа истиот треба да се надградува и да продолжи да се негува-истакна на Јани Зердески, член на здружението за развој на граѓанското општество „Вредит да си од Кичево“ организатор на овој Мултикултурен ден.