Од вчера започна тестирањето на вработените во детските градинки, а како што најави министерот за здравство Венко Филипче, во рамките на протоколите за отворање ќе бидат тестирани околу 2.000 вработени во овие предучилишни установи. Во општините се дезинфицираат сите градинки за да може подготвено да ги пречекаат децата
Многу скоро децата ќе треба да се вратат во детските градинки, а и нивните родители најверојатно ќе тргнат на работа по олабавувањето на мерките на Владата поради коронавирусот. Од вчера веќе започна тестирањето на вработените, а како што најави министерот за здравство Венко Филипче на завчерашната прес-конференција, во рамките на протоколите за отворање ќе бидат тестирани околу 2.000 вработени во овие предучилишни установи.
Се очекува да се обезбедат сите потребни услови во градинките за да се избегне ширење на заразата со коронавирусот, максимално да се подигне нивото на хигиена, пред и откако во нив ќе влезат вработените и децата. Секоја од скопските општини подетално и на свој начин ги организира потребните подготовки, како дезинфекција на објектите и на целиот инвентар, играчките, дидактичките материјали и сето она што ќе ги опкружува децата кога повторно ќе престојуваат во просториите.
Така Општина Карпош, како што веќе информира, изврши дезинфекција и чистење на објектите, но и на душеците од креветчињата со користење УВЦ-технологија. Во рамките на оваа акција изврши дезинфекција и на теписите, откако претходно целосно се дезинфицираа и просториите. За реализацијата на овој процес ангажира овластена компанија, која процесот го спроведе бесплатно.
– Пандемијата на коронавирусот нѐ натера сите да водиме поголема грижа за личната и јавна хигиена. Нашата цел е овој тип активности да продолжат и по ковид-19. Затоа што оваа дезинфекција ги штити најмладите од секојдневни вируси, бактерии и спречува појава на алергии и астма – вели градоначалникот Стефан Богоев
За технологијата за чистење и дезинфекција што ја користеше Општина Карпош надлежните велат дека е докажана во уништувањето бактерии, вируси и други патогени микроорганизми.
УВЦ-методот се користи и во светски рамки, затоа што ефикасно се справува со микроорганизмите што можат да се најдат во душеците и негативно да влијаат врз здравјето на децата, кои имаат проблеми со астма и алергии.
Некои од родителите се прашуваат дали можеби ваква технологија треба да се користи во сите градинки или можеби е доволно да се исчисти и дезинфицира со обични средства за дезинфекција.
– По вакви големи паузи, кога градинките се празни и никој во нив не престојува не може да има коронавирус и може да се исчисти со кое било средство за дезинфекција. Ќе биде доволно да се исчисти како и досега што се чистело, најчесто со хлорни или алкохолни препарати. Да се пребрише прашината и тоа ќе биде доволно да се подготват градинките за прием на децата. Секако, откако тие ќе излезат во дворовите на градинките и ќе се вратат назад во објектите, просториите нема повеќе да бидат стерилни и повторно ќе се чисти и тоа е нормално. Нема потреба сега за некаква посебна процедура – објаснува Александар Стојанов, шеф на Отсекот за имунизација и тропски болести во Центарот за јавно здравје – Скопје и член на Комисијата за заразни болести.
Пред да бидат официјално отворени вратите на градинките, од Општина Ѓорче Петров велат дека навремено ќе ги преземат сите мерки и активности за дезинфекција штом ќе има најава за отворање.
– Градинките во повеќе наврати беа дезинфицирани од страна на ангажирана фирма, а со буџет од градинките. Родителите и јавноста ќе бидат навремено известени кога градинките ќе се отворат – велат од Општина Ѓорче Петров.
По затворањето на градинките во март, речиси сите општини извршија дезинфекција, а сега повторно ќе се чистат и ќе се дезинфицираат сите простории.
– Направена е вонредна дезинфекција на сите објекти на двете градинки „Бубамара“ и „Срничка“ во Општина Аеродром. Од страна на вработените се дезинфицираат играчките, дидактичките материјали, како и сите простории. Дезинфекција на градинките ќе се изврши и пред самото нивно отворање. Комисијата за заразни болести треба да ги даде насоките за натамошно организирање на работата – објаснуваат од Општина Аеродром.
И градинките во Општина Центар се генерално исчистени веднаш по прогласувањето на вонредната состојба. Очекувајќи го враќањето на децата, дезинфекцијата повторно е реализирана во градинката „Кочо Рацин“, а градинката „Раде Јовчевски-Корчагин“ ќе се дезинфицира на 15 мај, додека градинката „13 Ноември“ на 20 мај од овластена, лиценцирана фирма.
И Општина Гази Баба веќе неколкупати досега ги дезинфицирала градинките.
– Првиот пат дезинфекцијата ја изврши Институтот за јавно здравје, а наредните општинското јавно комунално претпријатие „Гази Баба 2007“. Инвентарот и подот веќе се дезинфицирани неколкупати, а детските креветчиња, играчките и другите реквизити, ќе бидат дезинфицирани една недела пред повторно да се вратат децата во градинка, во согласност со препораките од Министерството за здравство – велат од Гази Баба.