Викендов натпреварите од германското првенство ќе се пренесуваат во живо во Европа, потоа во Кина, Индија, Бразил, Јапонија, Мексико…
Викендов очите на спортскиот свет ќе бидат насочени кон германската Бундес-лига, која како прва од „големите лиги“ ќе ја продолжи прекинатата фудбалска сезона поради пандемијата на коронавирусот. Постојат строги здравствени регулативи, кои значат дека сите натпревари ќе се играат без гледачи, пред околу 300 неопходни службени лица во и околу арените.
На играчите им било кажано да не плукаат, да не се радуваат во групи и да не се допираат со раце со соиграчите. Некои клубови најавија дека ќе користат музика и картонски постери со ликови на навивачи за подобрување на атмосферата на натпреварите.
Бундес-лигата посакува да ја заврши сезоната до 30 јуни. Поради суспензијата, повеќе клубови беа доведени до работ на финансиски колапс. Лидерот Баерн в недела му гостува на Унион Берлин, а в сабота Борусија Дортмунд, која заостанува четири бода зад Баварците, во дербито се среќава со Шалке.
– Бундес-лигата е првата голема лига во светот што ќе ги продолжи натпреварите. И бидејќи ќе бидеме единствената лига што ќе се емитува на ТВ, очекувам публика од милијарда луѓе во светот – изјави извршниот директор на Баерн, Карл-Хајнц Румениге, за „Спорт-билд“.
Германскиот фудбал викендов ќе биде во фокусот на вниманието и во земјите низ Европа.
– Ве уверувам дека досега не сум видел вакво ниво на заинтересираност за Бундес-лигата. Луѓето навиваат за Баерн, Дортмунд, Баер, но сега се нестрпливи да ги видат Фортуна или Падерборн. Лудо е – вели Адолфо Барберо, кој ги коментира мечевите од Бундес-лигата за шпанскиот ТВ-канал Мувистар, а се најавува дека преноси ќе има во Бразил, Индија, Јапонија, Мексико, Кина…