Канскиот филмски фестивал ќе ја објави селекцијата на филмови на почетокот на јуни и ќе соработува со неколку фестивали, вклучувајќи го и Венецискиот, за да презентира некои филмови, потврдуваат од „Вариети“. Организаторите, исто така, се чини дека ја исклучија можноста за физички фестивал оваа есен.
– Се чини дека е премногу комплицирано да се организира физичко издание на фестивалот годинава, затоа продолжуваме со објавување филмови од официјалната селекција на почетокот на јуни – рече портпаролот на фестивалот, потврдувајќи го тоа што директорот на Кан, Тиери Фремо, го изјави во интервју за „Скрин дејли“.
Наместо за виртуелен фестивал, Кан се одлучи за „прераспоредување“ надвор од рамките на Канскиот фестивал, во соработка со есенските фестивали. Директорот на Канскиот филмски фестивал, кој е жесток поддржувач на киното, вети дека ќе им помогне на изложувачите да ги намамат гледачите оваа есен.
– Киното и неговата индустрија се загрозени. Ќе мораме да го обновиме, да ја потврдиме повторно неговата важност со енергија, единство и солидарност – рече Фремо за „Вариети“.
За време на викендот, Фремо изјави дека наместо целосно да открие што требаше да вклучува официјалната селекција оваа година, тој ќе ги објави филмовите што беа дел од списокот и што ќе ја имаат својата кинопремиера во периодот до следната пролет. Овие филмови ќе добијат етикета „Кан 2020“. Во меѓувреме, одлучено е процесот на селекција за фестивалот следната година да започне наесен. Некои филмови што беа избрани за ова издание и беа одложени, ќе бидат земени предвид во изданието на 2021 година.
Кан ќе ги прикажува своите „обележани“ филмови на фестивали како „Торонто“, „Довил“, „Ангулеме“, „Сан Себастијан“, „Њујорк“, „Бусан“ и „Лумиер“ во Лион. Во меѓувреме, виртуелното издание на „Кан марше ду филм“ треба да трае од 22 до 26 јуни, заедно со виртуелниот пазар предводен од американските агенции. За судбината на филмскиот фестивал во Венеција ќе се одлучи на крајот на месецот.