Од случаите кои се водат како оздравени од ковид-19 во земјава, над 87 отсто биле на домашно лекување, додека останатите, околу 13 отсто биле хоспитализирани, говорат податоците на Министерството за здравство.
Заклучно со денешниот ден, во Македонија има 1.079 излечени од коронавирусот. На прашањето колку од нив биле излечени во домашни услови, а колку во болнички, од Министерството одговорија дека 193 од овие пациенти претходно биле хоспитализирани, додека останатите 864 биле на домашно лекување.
Во врска со предлозите за отворањето на границите во регионот, нешто за што требаше да се дискутура на состанокот на Светската здравствена организација и на вчерашниот Европски самит, од Министерството за здравство велат дека нема унифициран предлог за отворањето на границите со соседите.
– Унифицирани предлози постојат за протоколи и процедури кои ќе треба меѓународно да се почитуваат и имплементираат, но не и времски во однос на отворањето кое ќе зависи од степенот на раширеноста на вирсуот во различни земји и стадиумот во кој се наоѓа земјата. За ова дополнително ќе се дискутира – велат од Министерството.
Иако во јавноста веќе се шпекулира дека вонредната состојба во земјава ќе биде укината кон крајот на наредната недела, а кафулињата и ресторораните се подготвуваат за работа, од Министерството велат дека сѐ уште се вршат анализи кога ќе дојде до ново попуштање на мерките.
– Рестриктивните мерки сѐ уште не се омекнати, голем дел од земјите немаа воопшто толку рестриктивни мерки како Северна Македонија и истите ги попуштија. Сеуште имаме полициски час и забрана за работа за голем дел индустрии како и мерки за лична заштита. Во моментов сѐ уште се анализира кога точно ќе дојде до ново попуштање. Тоа нема да се направи додека не сме сигурни дека состојбата е стабилизирана. Секако, мерките се такви да може да се попуштаат и затегаат согласно развојот на состојбата и ширењето на вирусот. Доколку дојде до нов пик повторно ќе се воведат поретстриктивни мерки. Ова ќе биде пракасата на сите држави, па така и на нашата – велат од Министерството.
Во текот на последниве 24 часа регистрирани беа поголем број заразени лица од ковид-19 во земјава, 33, па со оглед на периодот, се претпоставува дека станува збор за новозаразени кои биле во близок контакт за време на велигденските и првомајските празници.
Пораст на бројот на заразени во последниве денови се бележи во Велес, каде во последните три дена има 18 заболени, со што вкупниот број инфицирани од ковид-19 изнесува 94.