Голем број компании аплицирале, ги користат или ќе користат некој од двата сета економски мерки што ги претстави досега Владата како помош за стопанството во справувањето со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот.
– Во првиот пакет мерки беа најавени ослободувања од аконтации на данок на добивка за месеците март, април и мај за погодените компании и истото тоа се однесуваше за ослободување од аконтации на данок на личен доход за самостојните вршители на дејност. Податоците на УЈП велат дека над илјада субјекти, компании и вршители на дејност ја искористиле оваа мерка за ослободување од аконтации, поточно над 680 аплицирале за ослободување од аконтации од данок на добивка и околу 380 аплицирале самостојни вршители на дејност за ослободување од аконтации од данок на личен доход – појасни министерката за финансии Нина Ангеловска.
Таа додаде дека од бескаматните кредитни линии што беа лансирани, првата веќе комплетно е искористена и со неа 631 компанија, кои вработуваат 5.600 лица добија одобрени бескаматни кредити во износ од 4,7 милиони евра. За оваа линија, како што кажа министерката, има голем интерес па веќе втората линија од осум милиони евра е пуштена и за неа само на 29 април имало доставени 600 апликации од компании.
– Во оваа линија имаше и дополнително олеснети услови за да ја искористат што поголем број компании, се однесуваше на сите дејности што имаат пад од најмалку 30 проценти на приходите и самата постапка за аплицирање беше значително олеснета земајќи ги предвид сите сугестии и критики од првата кредитна линија – истакна министерката Ангеловска.
За мерката за субвенции на плати, која е најобемна, односно вредна од 100 до 120 милиони евра, појасни министерката, апликациите беа пуштени во петокот попладне и заклучно со вчера наутро биле поднесени над 5.000 апликации од компании.
– Четири илјади апликации се веќе обработени, одобрени. Сега до 7 мај се поднесува барање за исполнување на условите и потоа следува вториот чекор, откако ќе добијат одобрение, ќе аплицираат за да ја добијат финансиската поддршка, па ќе може точно да кажеме за колку работни места се работи. Ова е навистина значаен пакет мерки и допрва користењето на оваа најобемна мерка, треба да им помогне на компаниите во ликвидноста и да ги заштити работните места – рече Ангеловска.
Таа очекува од 10 мај да почне да се исплаќа финансиската поддршка кон фирмите и истакна дека Владата ја следи состојбата и ако има потреба од дополнителни мерки, тие ќе бидат преземени.