Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски повтори дека за опозицијата изборите не се приоритет, па на лидеската средба што ќе се одржи месецов, фокусот би требало да биде насочен на други теми кои се од интерес за граѓаните.
Опозицискиот лидер очекува помеѓу 10 и 12 мај да се одржи лидерската средба на која ќе стане збор пред се за справување со вирусот ковид-19, економското заживување на државата, но и за резолуцијата што предизборно ја донесе бугарскиот парламент. Дури потоа, можеби како четврт или некој подолен приоритет, вели Мицкоски, може да стане збор како понатаму до следните парламентарни избори.
– Јас во неколку наврати во минатото кажав и еве ќе го повторам тоа и денес, дека во првите три приоритети на ВМРО-ДПМНЕ не се избори. Прв приоритет е како конечно оваа пандемија да остане позади нас целосно, втор приоритет е да ја застанеме на нозе економијата бидејќи таа живот значи и третата работа е да ја вратиме самодовербата помеѓу македонските граѓани, бидејќи таа е изгубена, сето ова влијаеше врз самото чувство кај граѓаните и тоа е наш приоритет кој што сакаме да го вратиме – рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Мицкоски очекува убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ на изборите, кога и да се случат.
Мицкоски: Гоце Делчев не треба да биде предмет за какви било преговори
Гоце Делчев е столбот на современата македонска држава и не треба да биде предмет за какви било преговори, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по повод одбележувањето на 117-годишната од загинувањето на револуционерот.
– Гоце Делчев беше човек којшто обединуваше, којшто имаше визија, Гоце Делчев беше и ќе остане Македонецот врз основа на кој ние ќе се сеќаваме на минатото, а врз основа на тоа минато ќе ја градиме и иднината. Ќе го продолжиме неговото дело да обединуваме, а не да разединуваме. Она кое што сакам денеска од овде како порака да го упатам е тоа дека Гоце Делчев е столбот на современата македонска држава и Гоце Делчев е Македонија и Гоце Делчев не треба да биде предмет за какви било преговори и разговори – рече Мицкоски.
Тој истакна дека ќе се обиде да ги игнорира провокациите коишто доаѓаат и коишто се поистоветуваат во предизборието.
– Ние не сме како некои наши соседи, имињата на нашите дејци коишто крвавеле и животот го положиле за оваа држава да ги злоупотребиме во предизборна кампања, напротив, ние се гордееме, сме горди Македонци што сме имале таков јунак во нашата историја, а врз основа на таа историја ќе ја градиме иднината. Тие коишто се закопани во минатото, нека останат таму во минатото на делби и поделби, ние сме тука да шириме енергија што ќе обединува не само во Македонија, туку и пошироко ќе ги обединува сите балкански народи. Слава му – заклучи Мицкоски.