Музејот на македонската борба за самостојност го започна проектот „Неколку нијанси женски приказни“, кој ги величи и отсликува жените и нивни успеси во Македонија од почетокот на 20 век до денес.
– „Мулијерес фортес“ е насловена првата етапа на дизајнерско-движечки слики од континуираниот опус за претставување на жените, а говори за осум истакнати жени од областа на науката, уметноста, спортот, бизнис-секторот, човековите права, медиумите… Жени што пионерски дејствувале и продреле во општеството, дури и во оние моменти кога нивниот живот зависел од нивните одлуки, а нивните одлуки значеле живот и го запечатиле нивниот – велат од Музејот.
Опусот на женски музејски приказни го отвора Роса Плавева, една од првите борци за женските права во Македонија, коосновачка на првата социјалистичка организација, жена чиј активизам ги поставил темелите за целосна еманципација на жените во земјава и во регионот. Во услови на борба против ковид-19, проектот е поставен на веб-страницата на Музејот на македонската борба, како и на социјалните мрежи.
Проектот е поддржан во рамките на Годишната програма за остварување национален интерес на Министерството за култура, кој во неколку фази ќе биде реализиран во текот на годината.