Министерството за животна средина и просторно планирање и покрај вонредните услови за работа заради справување со пандемијата предизвикана од вирусот ковид-19, продолжува да ги реализира своите активности и обврски. Притоа информира дека е донесена Одлука за избор на програми, проекти и активности кои ќе се финансираат од Програмата за инвестирање во животната средина за 2020 година, а резултатите се објавени во Службен весник бр.108 од 24 април.
– Во исто време, информираме дека е во тек потпишување на договори за поддршка на општините. Се потпишуваат договори со 18 општини кои конкурирале на Конкурсот за распределување на средства за финансирање и реализирање на програми, проекти и други активности од областа на животната средина за 2020 година, во делот за „Изработка на техничка документација и изградба на канализациони системи и системи за одведување и пречистување на отпадни води“. Висината на доделените средства за оваа намена изнесува 35.000.000,00 денари.
На тој начин, и во овие вонредни услови, Министерството за животна средина и просторно планирање продолжува да ги исполнува обврските согласно законите од областа животна средина и обезбедува финансиска поддршка на општините за реализација на инфраструктурни проекти за заштитата на водните ресурси и животната средина во државата – се вели во соопштението.