Битола
По подолга пауза, поради пандемијата на коронавирусот, Советот на Битола денеска ќе ја одржи својата 53. седница. Седницата првпат ќе се одржи онлајн, преку апликацијата Зум. Како ќе се одвива одржувањето на седницата на таков начин никој не можеше да ни каже, со оглед на тоа што советниците досега немале вакво искуство.
Инаку на дневен ред ќе се разгледуваат десетина точки, главно од тековен карактер. Една од главните точки ќе биде донесување одлука за проширување на средствата на буџетот за 2020 година.
Со ваквата одлука се предлага да се зголемат приходите од Европската Унија и од другите фондови, во износ од 768.256 денари и истите тие да се прераспределат за патување во странство, за покривање на патните и на дневните трошоци, како и за покривање на сите трошоци поврзани со тие службени патувања.
Инаку откако почна пандемијата на коронавирусот и откако Владата донесе уредба со која им се скратија паушалите на советниците, битолските советници како да се изолираа во „карантин“ и во последно време не покажуваат некој голем интерес за актуелните состојби во Општината. Се добива впечаток како тие да му препуштија сѐ на кризниот штаб.