За крадците како да не важи полицискиот час, тие токму во тој период си ја работат својата работа. Па, така, во изминативе неколку дена успешно оперираат во Капиштец, каде што досега, освен што крадеа велосипеди и други предмети, успеале да украдат и две влезни врати. Кражби има и во други градови
Во време кога поради коронавирусот сите граѓани мора да бидат дома и да го почитуваат полицискиот час, кој изминатиот викенд беше од саботата, од 15 часот, па до понеделникот, до пет часот наутро, некој очигледно го игнорира законот, користејќи го тоа време за криминогени дејности. За крадците не важи полицискиот час, тие токму во тој период си ја работат својата работа. Па, така, во изминативе неколку дена успешно оперираат во Капиштец, каде што досега, освен што крадеа велосипеди и други предмети, успеале да украдат и две влезни врати од згради. Жителите на населбата се револтирани поради оваа појава, затоа што, како што велат, кражбите се случиле за време на полициски час, кога надвор не смее да има никакво движење.
– Зачудени сме. Не можеме да сфатиме како воопшто успеале да шетаат слободно надвор, па и да крадат. Не можеме да разбереме како успеале да се провлечат со вратата и за која цел им била потребна – вели М.М., жител на една од ограбените згради на улицата Народен фронт во Капиштец.
Тој вели дека се украдени и неколку велосипеди во сопственост на соседите.
Оваа кражба не е прва во овој реон. Пред една недела била украдена уште една влезна врата од соседниот влез, а пред еден месец, како што велат станарите, им бил украден и шифрарникот за отклучување и влез во зградата.
– Лека-полека ни ја украдоа цела зграда. Како што тргнале, ќе ни ги украдат и вратите од нашите станови. Ова е невидено досега. Деновиве ни украдоа велосипеди, влезната врата пред околу една недела, а еве сега и соседниот влез остана без врата. Како може да се случува ова? Како успеале за време на полициски час да се движат со две двометарски крила од врати, без притоа никој да не ги забележи – револтирано коментира Г.Д.
Жителите велат дека веќе се плашат за својата безбедност. Коментираат дека мора да се преземе нешто, затоа што, како што велат, воопшто не се чувствуваат безбедно.
– Додека трае полициски час, некој слободно шета и си краде сѐ што ќе си посака. Навистина е застрашувачки да знаеш дека сега, кога немаш ниту врата од влез, некој може слободно да си шета, па и да ти влезе дома и да те ограби. Не е за тоа што ќе украдат, но што ако нѐ повредат? Мора да се зголеми безбедноста, затоа што ова навистина не е добро – вели жителка на зградата.
Од Секторот за внатрешни работи во Скопје информираат дека преземаат мерки за расчистување на случајот.
– Во СВР-Скопје е пријавено дека во зграда на улицата Народен фронт била извршена тешка кражба на влезни врати од зграда. Се работи на расчистување на случајот – информираат од СВР-Скопје.
Очигледно ништо не ги плаши крадците, ниту коронавирусот ниту полицијата. Тие крадат и за време на полициски час насекаде низ земјава. Во Радовиш неодамна беа уапсени две лица, затоа што за време на полициски час биле фатени од полицијата во обид да извршат тешка кражба.
Во Штип пак, исто така за време на полициски час, седумнаесетгодишно момче било фатено како краде од продажен објект, додека во Струмица малолетници украле пари и лични предмети од стан. Без сеф со пари и други производи останаа и повеќе маркети во метрополата. МВР работи на расчистување на случаите.
И црквите цел на крадци
И покрај зголеменото присуство на полицијата по улиците, крадците оперираат и во црквите. Полицијата работи на расчистување на два случаи каде што крадци или се обиделе или извршиле кражба на црква.
Во полициската станица во Виница, свештеник во црквата „Свети Јован Крстител“ во селото Лески пријавил дека непознато лице насилно влегло во црквата и одзело пари.
На местото на настанот излегла увидна екипа на полицијата, а се работи на расчистување на случајот.
Црквата „Свети Димитрија“, пак, во селото Зрновци, за среќа, има вградено аларм, па крадецот што насилно влегол во црквата, не можел да го изврши грабежот, затоа што со насилното влегување во објектот го активирал алармот.