Шанса за економиите што не загадуваат
Владите би можеле да го трасираат патот кон целосно декарбонизиран енергетски систем до средината на векот и да ги оживеат економиите погодени од коронавирусот ако ги приспособат пакетите на своите субвенции за јакнење на технологиите за чиста енергија, се вели во извештајот на Меѓународната агенција за обновливи извори на енергија (ИРЕНА).
Во моментот владите дизајнираат огромни пакети со субвенции за да го намалат шокот од коронавирусот врз економијата, а за тоа време јакнат повиците за „зелено закрепнување“. Група од 180 европски политичари, компании и пратеници побара минатата недела од ЕУ своите економски мерки за спасување да ги усогласи со климатските цели.
Во својата годишна Глобална перспектива за обновливи извори на енергија, агенцијата ИРЕНА наведува дека на самите влади е да одберат дали оваа пандемија ќе ја одложи или ќе ја забрза транзицијата на економиите кон нискојаглероден развој.
Словенија ги повика банките да обезбедат ликвидност на компаниите
Словенечкото министерство за финансии ги повика банките да го забрзаат доделувањето кредити со државни гаранции за компаниите што се подготвуваат за обнова на активностите, по кризата предизвикана со епидемијата на ковид-19.
– Апелираме до банките да го забрзаат осигурувањето на ликвидноста, што ќе биде клучно за брзо излегување од кризата и закрепнување на нашата економија – се вели во соопштението на Министерството за финансии по седницата на Владата, која подготвува нов закон со кој за таа намена би ослободила средства во висина од 2,8 милијарди евра.
Новиот законски антикорона-пакет предвидува државни гаранции до висина од 80 отсто од кредитот што од банките ќе го подигаат големите, средните и малите претпријатија, но Владата предупреди дека банките во обновата на ликвидниот потенцијал на економските субјекти треба да тргнат веднаш, бидејќи гаранциската шема предвидена со новиот пакет за помош на економијата и на граѓаните ќе важи ретроактивно и за кредитите што се веќе одобрени или се одобруваат.
Русите купуваат сол за да се заштитат од коронавирусот
Производителите на сол во Русија бележат пораст на нарачките по објавите на препораките на Министерството за здравство за чистење на носната слузница со физиолошки раствор, за да се превенира инфекцијата со коронавирус, пренесуваат руските медиуми.
– Откако руското министерство за здравство на 9 април ја објави таа препорака, бројот на нарачки за испорака на сол што производителите ги примиле од дистрибутерите пораснал за речиси 20 отсто – изјави Дмитриј Леонов, потпретседател на руското здружение на производители на сол.
Тој вели дека дистрибутерите го информирале за засилено купување сол од страна на граѓаните за превентивна употреба.